Аерозагадување

Струмичани бараат конкретни мерки за почист воздух

08.01.2025 13:05

Струмичани бараат конкретни мерки за почист воздух оти градот за последните 20 дена три пати влегува во црвената зона со висок степен на аерозагаденост. Министерството за животна средина повторно излезе со мерки и препораки заради неквалитетниот воздух што го дишат граѓаните …

Струмица повторно се гуши. За Бадник и Божиќ државната мерна станица покажа присуство на штетните ПМ 10 и ПМ 2,5 честички повеќе од дозволеното. Надлежните повторно издадоа препораки и мерки за да се заштитат граѓаните на Струмица. Тие пак бараат итни и конкретни чекори за почист воздух.

Ова е трет пат да се алармира за штетен воздух во Струмица во последните 20 дена од страна на Министерството за животна средина. Аерозагадувањето е најизразено во вечерните часови кога пиковите достигнуваат и до 400 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен.

Почести инспекциски надзори на инсталациите со а и б интегрирани еколошки дозволи. Контроли на градилиштата, техничката исправност на дизел возилата. Ова се дел од мерките што Министерството за животна средина ги препорачува откако Струмица повторно е во црвена зона на аерозагаденост.

Истражувањето на лабораторијата Амбикон при штипскиот универзитет покажа дека горењето огревни дрва е најголемиот извор на аерозагаденост во Струмица каде дел од јавните институции се греат на гас а од октомври почна електричниот градски превоз.

 

Ване Трајков