Утре состанок на сојузниците на Украина во воздухопловната база „Рамштајн“ во Германија
Утре во Рамштајн, во НАТО командата за Украина во Германија се состанува одбранбената контакт група составена од 50 држави. На форумот, на којшто ќе присуствува и американскиот секретар за одбрана Остин, клучна тема е снабдувањето на Киев со воена опрема кое може да запре по инаугурацијата на Трамп на 20 јануари. Руската офанзива продолжува, се заземаат села кои ја менуваат стратегијата на нападот, како при последниот, во стратегискиот Покровск. Тригодишната војна и натаму длабоко го засега светот, од Колумбија до Хрватска...

Се разгоре битката, повторно на политичко поле. Овој пат Украина беше жешкиот костен за двајцата кандидати за претседател на Хрватска, којашто избира меѓу Милановиќ и Приморац на 12-ти јануари. Првиот против распоредувањето на хрватски трупи, вториот против Русија.
„Членка сме на Европската унија, членка на НАТО и постојат правила на соработката. Прашање на време е кога Хрватска како НАТО членка ќе ја цементира својата позиција спрема Украина. Засега нема правна основа за распоредување на нашите војници“, изјави Драган Приморац кандидат на ХДЗ за претседател на Хрватска.
„Затоа Хрватска нема да оди во Украина, Хрватите, за разлика од тебе, ова го сметаат за вистинска опасност. Тие се сомневаат и се конзервативни кога е потребно. Во тоа е силата на хрватскиот народ“, изјави Зоран Милановиќ претседател и кандидат за претседател на Хрватска.
Претседателот Зеленски во пресрет на утрешниот состанок на контакт групата на НАТО во базата „Рамштајн“ бара одговори околу продолжувањето на снабдувањето со воена опрема по инаугурацијата на Доналд Трамп, кој бара зголемување на учеството на НАТО-членките од два на пет насто од БДП. Зеленски се надева и дека Унијата ќе ги преземе вистинските чекори за зачленувањето на Украина годинава.
„Во првата половина од годинава полска претседава со унијата, потоа Данска. Нашите најдобри пријатели. Подготвени сме за преземање на вистинските чекори. Станува збор за членството и за европската безбедност“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
И додека мобилизацијата е горлив проблем за властите во Украина, белосветските платеници се враќаат од бојните полиња. Во Колумбија уапсени седуммина, од нив двајца американски.
„Двајца се колумбиски снајперисти, тројца се платеници, повратници од Украина кои се обиделе да внесат немири во земјава“, изјави Николас Мадуро претседател на Колумбија.
Руската војска со сухои и со дронови ги бомбардира позициите на украинските трупи во Курската област. Во источен Доњецк е заземен градот Кураково, оддалечен 35 километри од стратешкиот Покровск.
Зоран Богатинов
