Инфраструктура

Експресниот пат Градско-Фариш ќе се пушти набрзо, најави Мицкоски

08.01.2025 20:49

Премиерот додаде дека продолжуваат и активностите на автопатот помеѓу Прилеп и Битола и очекува во рок од три години да биде и тој завршен.

Набрзо ќе биде пуштен во употреба  експресниот пат којшто ќе ги поврзува Градско, најпрвин Фариш, а потоа Клисура Дреново, во вкупна должина од 25 километри. По тој експресен пат возилата ќе се движат со брзина од 130 километри на час, соопшти денеска премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

„Има мало свлечиште коешто очекувам да биде санирано. Пуштањето на патот, мислам дека ќе биде на 14-ти овој месец. Значително ќе се намали времетраењето на патување до Прилеп и Битола“, нагласи Мицкоски.

Премиерот додаде дека продолжуваат и активностите на автопатот помеѓу Прилеп и Битола и очекува во рок од три години да биде и тој завршен.

Има една карпа којашто претставува опасност за возилата и патниците во делот на потегот Дреново, кај Фариш, Клисура Дреново и таа ќе се санира. Очекувам и тој дел да биде пуштен во март, со што би се заокружиле овие 25 километри, истакна Мицкоски.