Интерпелации на првата седница во новата година
Пратениците во петок повторно на работа со нова седница на која се ставени пет интерпелации. Три за министри, една за заменик министер и за претседателка на собраниска комисија...

По новогодишниот и божиќен одмор, пратениците во петок повторно на работа со нова седница на која се ставени пет интерпелации. Три за министри, една за заменик министер и за претседателка на собраниска комисија. Ќе се дискутира за работата на првиот вицепремиер Изет Меџити, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за неговиот заменик Астрит Исени. Сите интерпелации против владините функционери се поднесени од Европскиот фронт, предводен од ДУИ. Генералната забелешка за 4-цата е поради неспособност и неуспех во справувањето со меѓуетничките односи, и со справувањето со инцидентите кои се случија на Денот на албанското знаме. На претседателката на Собраниската комисија за социјална политика Илире Даути, пак, Левица и замерува несвикување на Комисијата за посебните права на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства. Очекувам неосновани критики кои немаат врска со реалноста – коментира премиерот Христијан Мицкоски.
Социјалдемократите веќе се изјаснија дека нема да ги поддржат интерпелациите на министрите.
Сепак пратеничката група на СДСМ на координација ќе го усогласи настапот на нивните пратеници за време на интерпелациите.
29-та собраниска седница ќе започне во петок, но не значи дека тогаш и ќе заврши имајќи предвид дека пратениците имаат можност за секоја интерпелација одделно да дискутираат цел ден и пред полноќ да се изјаснат. Прв за чија работа ќе се говори е првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина Изет Меџити.
Миле А. Ристески
