Аерозагадувањето урива рекорди, потребни се системски и стратешки мерки
Нов ден, ново соочување со смогот и токсичниот воздух. Аерозагадувањето урива рекорди. Граѓаните се гушат. Лекарите велат, особено на удар се децата и хронично болните. Опозицијата критикува, власта вели – проблемот се решава со системски решенија, кои ќе дадат резултат на среден и на долг рок. Спас се бара во промена на системот за затоплување, преку изградба на гасни централи…

Главниот град на земјава, Скопје, повторно во првите десет најзагадени градови во светот. Граѓаните тешко дишат, се жалат дека токсичниот воздух им предизвикува здравствени проблеми.
Пулмолозите посочуваат дека загадениот воздух го намалува имунитетот, што ги изложува граѓаните на поголем ризик од вирусни инфекции.
Министерството за животна средина ги повика сите институции, општините и Град Скопје да ги извршуваат обврските предвидени со Акцискиот план и да ги засилат инспекциските надзори, контролите во станиците за технички преглед на возилата, да се проверува нивната исправност. Констатирано дека кај индустриските капацитети со А-дозвола нема отстапување.
СДСМ, пак, обвини дека власта не презема ништо за подобрување на состојбата. ВМРО-ДПМНЕ најави системски решенија кои на среден и долг рок ќе дадат резултат. Планот е да се промени начинот на затоплување на домовите и да се изградат гасни централи.
Според универзитетскиот професор, Константин Димитров, првите резултати од гасните централи може да се почувствуваат за две до три години откако ќе почне нивната изградба.
Марина Стојанова – Тонева
