Здравство

Метапневмовирусот е стар вирус, нема простор за паника, смируваат надлежните

08.01.2025 16:05

Вирусот кој предизвикува респираторна инфекција – познат како метапневмовирус, ги напаѓа децата и возрасните со нарушено здравје, во изминатите години најмногу распространет во Кина, се доближи до нашата земја. Прв случај на заразен откриен во Грција. Докторите смируваат, вирусот нема да биде новиот ковид…

Простор за загриженост од метапневмовирусот нема, но и нема да биде неочекувано ако се појави и кај нас, велат епидемиолозите откако вирусот стигна до соседна Грција. Засега оваа сезона во Институтот за јавно здравје не е откриен, но бил детектиран изминатите години. Вообичаено циркулира во зимските месеци. Клиничката слика е слична како и другите респираторни вируси, кашлање, кивање, покачена температура, болки во зглобовите. Обично минува со лесни симптоми, но може да направи компликации кај децата и луѓето со нарушено здравје.

„Место за паника засега не постои и не очекувам нешто посебно. Колку имате повеќе тестирања, колку повеќе го барате вирусот нормално е дека ќе докажете повеќе случаи од вирусот, но тоа не значи дека тој не бил присутен претходниот период. Засега не гледам посебно место за паника. До пролетта, досега се регистрирани девет случаи. Во текот на зимата се очекува да се зголеми бројот на случаи со докажан хуманпнеумо вирус, но ништо невообичаено“, изјави д-р Марија Гочева, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

Нема потреба од подготовки за нова епидемија, велат од Европската комисија откако во Солун е регистриран случај кај 71-годишен жител, кој најверојатно се заразил од неговата ќерка која била на патување во Кина, каде има голем број заразени.

„Свесни сме за извештаите во медиумите и за ситуацијата во кина. Европскиот центар за превенција и контрола на болести е многу внимателен во следењето на ситуацијата. За тоа ќе дискутира Комитетот за здравство, а состојбата ќе се следи и во наредните недели“, истакна Ева Хрнчирова, портпарол на Европската комисија за социјални права.

Метапневмовирусот се пренесува преку близок контакт. Смртноста е пониска од грипот.

Специфичен третман за лекување на метапневмовирусот нема. Лекарите велат дека не станува збор за сериозен вирус, бидејќи се смета дека предизвикува релативно лесна респираторна инфекција.

 

Андријана Ѓурческа