Македонија

Лошите услови – двојна казна за затвореничките во „Идризово“

08.01.2025 16:52

Стар објект, влажни и студени ѕидови. Казната како двојно да се плаќа во женското одделени во затворот „Идризово“. Затвореничките се жалат, директорот вели дека пренатрупаноста си го прави своето. Недостасува и квалитетна здравствена заштита и ресоцијализација. Има планови како состојбите да се подобрат...

Распукани и мувлосани ѕидови изедени од влага, студени соби кои потсетуваат дека надвор е зима, вода што непрекинато тече од чешми, по некоја роденденска честитка со охрабрување дека некој мисли на нив и пораки врежани во ѕидот како сведоштво за животот зад решетки.

Во КПУ „Идризово“ се сместени над 80 осуденички. Времето му зело мерка на женското одделение, изградено во 1986 година. Тука поради лошите услови, казната како двојно да се плаќа.

Женското одделение во КПУ „Идризово“ е единственото во Македонија. Тоа значи дека сите осуденички завршуваат зад овие решетки.

Мајмире Дестанова од Кавадарци е четирикратна повратничка во „Идризово“. Последен пат е осудена за трговија и подведување малолетна штитеничка од дом. Казната ја прифаќа ама за третманот се жали кај Правобранителот.

„Како ќе се избањаме под туш веднаш под ќебиња, нема парно. Само три ребра работат, во другиот дел нема парно. Храната не е добра ич, сè е расипано, со поминат рок ни се дава во „Идризово“. Чешмите не работат, топла вода редовно нема, наркомани што шмркаат внатре има многу“, вели Мајмире Дестанова, осуденичка.

За разлика од Мајмире, Моника Велеска е со А-третман, што значи дека има повеќе погодности, а и условите во делот каде што е сместена се подобри. Таму има и справи за вежбање.

Моника е осудена на 5,5 години затвор за измама и ситно брои до крајот на издржувањето на казната.

„Условите не се добри, најголемиот пропуст е во влагата. Храната треба да се подобри, и тоа треба многу да се подобри“, вели Моника Велеска, осуденичка.

Времето бавно тече. Овие жени плетат за да се оттргнат од мислите дека се зад решетки.

„Ние иако сме осуденички, сепак сме и мајки, баби и сопруги. Не значи дека ако сме осуденици немаме право на ништо. Ова кога го плетам, мислам дека го плетам за моето внуче. Премногу ми фали семејството“, дополни Моника Велеска, осуденичка.

„Растојание држам од секоја жена, јас како нова и се обидуваат да ме провоцираат, ама мене и Господ ме чува, се тргам и цел ден во соба седам. Зима е ладно, налето не треба ниту да се покриеш ама во зима е ладно. Клима нема, лето е пекол.

Корупција има?

Па, некогаш да“, вели Мирсада Ибраим, осуденичка.

Директорот на „Идризово“, каде што се сместени 60 проценти од сите затвореници во Македонија е свесен за условите, особено во објектите што одамна се изградени. Вели, се трудат со парите што ги имаат на располагање да реновираат, но, пренатрупаноста си го прави своето.

„Имаме новоизградени објекти каде што условите се солидни, но во зградите од постар датум, може да кажеме дека условите навистина не се добри. Ние како Управа се трудиме да бидат достоинствени условите, но и бројот на осудените лица кои се сместени во тие објекти доведува до состојба на пренатрупаност и недобри услови. Нормално, инсталацијата е стара, се случуваат дефекти, кога ќе се случи дефект на минусни температури веднаш се чувствува зашто немаме резерва солуција“, изјави Зоран Јовановски, директор на КПУ „Идризово“.

Земјата да се справи со ужасните услови во затворите и да промовира алтернативи на затворањето – ЕУ во извештаите со години го повторува истото што го нотираат и Народниот правобранител и невладините. Здравствената заштита и ресоцијализацијата се болни точки, во амбулантите има недостиг од лекарства.

„Имаме пренатрупаност, имаме лоши материјално услови каде што престојуваат осудените и притворените лица, секако тука влегува и проблемот со образованието, процесот на ресоцијализација практично го нема, здравствената заштита не е добра. Може да констатираме дека препораките секоја година се повторуваат, меѓутоа и секоја година состојбата останува иста“, нагласи Соња Трифуновска, заменик-народен правобранител.

„Нема одредена просторија каде што тие можат да поминуваат квалитетно време со нивните деца и тоа да им влијание на процесот на ресоцијализација на жените-осуденички. Исто така, недостигаат редовни гинеколошки прегледи за жените во КПУ Идризово“, изјави Александра Трајановска, Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Државниот ревизор откри дека на „Идризово“ му недостигаат 30 воспитувачи. Осудениците по издржувањето на казната не се подготвени за враќање во општеството, па и не треба да изненадува што во женското одделение, 50 проценти се повратнички. Кај мажите, бројот е уште поголем.

„Во женското одделение работи само една воспитувачка која е невозможно да им посвети доволно внимание на сите осуденички. Не е доволно само да затвориме некој пет години и воопшто да не работиме со тоа осудено лице, не може да се очекува успешно да реинтегрира. Петте години ќе поминат, меѓутоа нема да има реинтеграција во заедницата и може да имаме рецидивист“, нагласи Ангелина Станојоска, универзитетска професорка на УКЛО.

Поттикнување на пробацијата и ставање во функција на алките за намалување на затворската популација, работното ангажирање на осудениците за затворите да станат самоодржливи – ова се плановите на директорот на Управата за извршување санкции. Пандов најави изградба на нови објекти во „Идризово“.

„Затворот во Струга планирам да го претвориме во женски затвор од полуотворен и отворен тип, и жените коишто имаат помали казни од три години да бидат префрлени во Струга да ја издржуваат казната. Пред тоа да се стави во функција планирам да се изреновира, согласно можностите. Сите вложувања во тие згради во „Идризово“ можат само козметички да се прават. Она што значи темелно и крајно решение е втората фаза во Идризово“, вели Александар Пандов, директор на Управата за извршување санкции.

За затворите се вели дека се огледалото, како една државата за грижи за човековите права. Одразот во нашето огледало никого не остава рамнодушен.

 

Мартин Пушевски