Македонија

Груби остана без работа на Тетовскиот универзитет, врачен му е отказ

08.01.2025 16:48

Пребегнатиот ексвицепремер Артан Груби, осомничен во случајот „Лотарија“ остана без работа. Повеќе не е асистент на Отсекот по новинарство на Правниот факултет при Тетовскиот универзитет. Врачен му е отказ – не се појавил на работа…

Поранешниот вицепремиер Артан Груби доби отказ од Правниот факултет на отсекот за новинарство, на Државниот универзитет во Тетово. Постапката за завршување на работниот однос на Груби, кој е недостапен за органите за прогон од 15-ти декември и е осомничен во случајот „Државна лотарија“, била почната минатата година. Веста за МТВ ја потврди деканот на Правниот факултет при тетовскиот универзитет, Сафет Емурли.

„Уште од 24 декември му е прекинат работниот однос на Артан Груби како асистент по новинарство. Решението за отказот е пратено по пошта и на службена е-пошта. Значи од тогаш веќе не е во работен однос на универзитетот“, ни изјави Сафет Емрули, декан на Правниот факултет при тетовскиот универзитет.

Универзитетот не добил повратен одговор од Груби за отказот. Тој таму бил вработен во 2012-та година, но поради вршење јавна функција местото му било во мирување до август лани. Груби од тогаш, па до напуштањето на државата во декември доаѓал на работа во универзитетот. Во меѓувреме конкурирал и на јавниот оглас за професор и постапката била во тек. Но, сега остана и без работата како асистент, а нема да има ни звање професор.

Од владејачката коалиција „Вреди“ сметаат дека тоа што Груби добил отказ, поради неоправдани отсуства, е јасен одраз на неодговорност и ароганција која ДУИ ја негува со децении. Оттаму прашуваат и како може човек кој не може да ги исполни ниту своите академски обврски да се обиде да продаде политички морал и да зборува за јавна одговорност.

Груби се бара со меѓународна потерница, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети, потврди дека тој се наоѓа во Албанија.

 

Игор Панов