Страотни пожари во Калифорнија, има загинати
Инферното во Калифорнија голта се пред себе. Илјадници куќи и објекти се опожарени во големите пожари. Бројот на жртви расте, евакуирани над 100 илјади луѓе. Огнот стигна и до Холивуд...

Жртви, повредени, стотици куќи изгорени. Заглавени автомобили, чад и плач – апокалиптични снимки доаѓаат од Лос Анџелес додека шумскиот пожар расте, а нови жаришта избиваат поради силните ветрови. Огнот го зафати и Холивуд Хилс.
„Доживеавме огромна трагедија. Имаме пет жртви и над 100.000 евакуирани, но и уште близу толку предупредени на итна евакуација бидејќи се во опасната зона“, изјави Виктор Гордо, градоначалник на Пасадена, Калифорнија.
Неконтролираната огнена стихија која пустоши во приморската област меѓу Малибу и Санта Моника досега уништи речиси 16 илјади хектари површина, додека брзорастечкиот пожар низ Алтадена се заканува да пеплоса околу 13 илјади објекти. Луѓето се обидуваат да спасат што може да се спаси.
„На петмина мои пријатели им изгореа домовите. Кога огнот е разгорен од ветер, нема што многу да се направи“, изјави Џорџ Ирачета, жител на Пасадена.
„Ја минавме ноќта овде, видовме како се запали куќата до нас, па почнавме да ја мокриме нашата, што, за жал, не успеа“, изјави Хозе Веласкез, жител на Алтадена.
Зауздувањето на пламените јазици оди тешко поради оптоварениот водоводен систем, кој е дополнително отежнат поради прекините на струја – велат пожарникарите.
„Сè уште сме во црвена тревога. Имавме привремени прекини на струја, што влијаеше на нашиот водоводен систем. Но, ќе бидам јасен – можевме да имаме многу повеќе вода, но со тие налети на ветерот сепак немаше да можеме да го запреме пожарот синоќа. Тој фрлаше жарови на милји пред огнот“, изјави Чад Августин, шеф на противпожарната служба во Пасадена.
Властите стравуваат дека бројот на жртви ќе расте. Пентагон испрати опрема и персонал во погодените области, откако претседателот Бајден одобри федерална помош за заедницата.
„Подготвени сме да направиме сè што е потребно за да ги ограничиме овие пожари и да се вратиме во нормала“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Неговиот наследник Трамп пак, за огнената трагедија прстот го впери во гувернерот на Калифорнија Њусом. Го обвини дека не сакал да потпише декларација за обновување на водата, што ќе овозможело милиони галони вода од вишокот дожд и стопен снег од северот.
„Ова е вистинска трагедија и тоа е грешка на гувернерот, а може да се каже и на администрацијата. Замислете, немаат вода, а сепак таа доаѓа од северот-милиони барели галони вода. Сега изгледа дека ние ќе бидеме тие што треба да го обноват“, изјави Доналд Трамп, иден претседател на САД.
Како одговор на изјавата на Трамп, директорот за комуникации на Њусом, Изи Гардон, изјави дека Трамп си игра политика додека шумските пожари прават хаос. Потенцира дека документ како што е декларацијата за обновување на водата воопшто не постои и дека тоа е чиста фикција на Трамп.
Бојана Крстевски
