Македонија

Бугарската Агенција за патишта делумно виновна за автобуската несреќа на „Беса транс“

09.01.2025 12:36

Бугарската Агенција за патишта е меѓу одговорните за трагичната несреќа на автопатот „Струма“ во 2021 година, кога 45 луѓе од Македонија ги загубија животите во автобусот на „Беса транс“, кој се запали на автопат. Ваква одлука донесе судот во Перник. Агенцијата сноси дел од вината, па на тужителот, во случајов родители на една од жртвите, треба да и исплати отштета од 10 илјади евра...

Бугарската Агенција за патна инфраструктура делумно е виновна за катастрофалната автобуска несреќа во која пред три години загинаа 45 наши сограѓани. Ваква одлука донесе судот во Перник, а според пресудата Агенцијата треба да исплати и по 10 илјади евра отштета на секој од семејството на загинатите коешто тужеше пред судот.

„Одговорноста се состои во тоа што конкретната делница не била соодветно означена, односно едната банкина не била направена како што треба и го расекла автобусот. Пред неа требало да има штитник, кој би го сопрел автобусот. Вина е утврдена кај Агенцијата за патна инфраструктура, бидејќи по првиот удар автобусот се одбил и се заглавил меѓу две банкини од кои едната ја немала потребната еластичност поради што била приклештена вратата од којашто требало да излезат патниците“, вели адвокатот Николај Димитров.

Во документот од судот се наведува дека делницата имала проблем уште во проектирањето, а освен тоа немало ниту патен знак за ограничување на брзината, па така на патот на којшто немало услови да се вози со брзина поголема од 90 километри на час, тоа не било истакнато.

Несреќата се случи на 23 ноември 2021 година. Автобусот на компанијата Беса Транс кој сообраќаше на релација Истанбул – Скопје, удри во заштитна ограда, се запали и целосно изгоре. Истрагата покажа дека возачот е виновен за несреќата бидејќи пребрзо возел.

 

Анита Димитријевска – Велковска