Газа

Крвава ноќ - над 100 Палестинци загинаа во нападите на израелската армија

29.07.2014 16:39

Цели седум семејства збришани, меѓу загинатите има и вработени на Обединетите нации. Во најава е зголемен притисок врз Хамас...

Во до сега најкрвавата ноќ во Газа, над 100 Палестинци загинаа во израелските воздушни напади од воздух, море и од копно. Цели седум семејства збришани, меѓу загинатите има и вработени на Обединетите нации. Во најава е зголемен притисок врз Хамас.

„Продолжуваме со нападите врз тунелите на терористите. Операцијата нема да заврши пред да ги уништиме. Нивната единствена цел е да го уништат нашиот народ, да ги убиваат нашите деца“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

„По консултации и контакти со нашите браќа во раководството на Хамас и на Џихад, палестинското раководство изрази подготвеност за 24-часовно хуманитарно примирје. Обединетите нации предложија да го продолжиме на 72 часа. Ние одговараме позитивно на предлогот“ вели Јасер Абед Рабо од Палестинската ослоботителна организација.

Офанзивата продолжува – погодена е единствената електроцентрала во Газа. Ноќта биле уништени 55 куќи, меѓу нив и празната куќа на лидерот на Хамас Исмаил Ханија, поранешниот премиер на Газа. Уништени се џамии и фабрики, радио и те-ве станици, владини згради, пристаништето, две училишта и градинка. По нападот врз игралиште за време на прославата на Рамазан за кое што Хамас и Израел си ја префрлаат одговорноста, како изгледа војната низ очите на дете.

„Си игравме и одненадеж не погоди проектил. Некои деца станаа маченици, а други беа повредени. Ние немаме врска со тоа, ние сме само деца, уште не сме пораснале“, вели едно дете.

Военото крило на Хамас соопшти дека во текот на ноќта истрелало 14 проектили. Ракетирањето продолжи и денес, сирените одекнуваа во Ашкелон и другите јужни градови. Обединетите нации во очај се откажуваат, веќе немаат начин како да им помогнат на раселените. Генералниот секретар Бан Ки Мун е загрижен, Израел повторно со летоци го предупредува населението на евакуација. Бројот на загинати достигна 1115 Палестинци и 56 Израелци.