Преставени уникатни парчиња од рачно изработено оружје
Некогаш тајното место за изработка на муницијата за илинденците, старата крушевска леарница, на јавоста и понуди ретка збирка од 200 парчиња оружје од 18 и 19 век. Најголемо внимание предизвикуваат 70-те уникатни парчиња македонски рачно изработени кубури од пред 200 години...

Огнено и ладно оружје, мартин, берданки, дебарски кубури, ками, мануфактурно и сериски изработено, старо и преку 200 години во крушевската леарница ја раскажува приказната за македонскиот непокор, буните и востанијата и за илинденската епопеја. Оваа ретка збирка 200 експонати е на увид на јавноста.
„Имаме европски типови на оружје, балкански типови, ками од различен тип и место на потекло, имаме две пушки од америка кои се користени од турската армија. Има предмети кои, на пример, во Македонија ги има само по едно парче“, вели Ванчо Габер, реставратор на старо оружје.
Отворена е и своевидна работилница за посетителите.
„Тука ќе дознаат како се поправало, како се одржувало оружјето“, вели Зоран Богески, директор на крушевскиот музеј.
На музејската збирка од околу 200 експонати во крушевската лерарница, велат, многу музеи може да позавидат. Тука има раритетни парчиња македонско оружје, таканарежени дебарски кубури од крајот на 18 век.
За колекционерите аукциски цени се високи со бесценети културолошки сознанија.
„Сите овие парчиња се рачно правени. Сакам да потенцирам дека две исти парчиња не може да се најдат. Некои досатигнуваат цена и од 2,3,4 или 5000 евра, па можеби и повеќе“, вели Борис Дирлевски, колекционер.
Крушево сака да прави сувенири и копии за туристите
„Веќе во Крушево имаме една пушкарска работилница која во моментов работи на ново оружје, меѓутоа во иднина би требало и би било пожелно да се пренасочи во поправка и во изработување на копии“, вели Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево.
Во крушевската леарница кришум се правела муницијата за илинденците.
Елизабета Митреска
