Грипот забрзано ги полни амбулантите
Над триста нови случаи заболени од грип за една недела. Статистиката вели дека вирусот забрзано напредува. Лекарите со полни раце работа.

Во првата недела од новата година над 330 граѓани заболеле од грип, речиси за 50 проценти повеќе од претходната. Највисока инциденца е забележана кај децата од 5 до 14 години. Од вкупниот број заболени половина се од Дебар. Ова се последните податоци од Институтот за јавно здравје кои покажуваат дека грипот почнува да ги полни амбулантите. Страдаат и возрасните и децата. Грипот дава сериозна клиничка слика со висока температура која трае со денови, кашлица, болки во грлото и телото. Доктор Мира Атанасова дневно прегледува и по 70-ина пациенти, вели најризични се децата, кај нив вирусот многу брзо прогресира.
„Температурата од нула до пет степени што ја очекуваме наредните денови е погодена за грипот. Тоа е вирус што ги сака тие временски услови. Апелирам на внимателно однесување, да нема големи контакти, да нема дружби доколку нема потреба. Важна е личната и колективната хигиена“, изјави д-р Мира Атанасова, педијатар.
Со полн капацитет работат и педијатриските болници. Пикот на грипот се очекува кон крајот на месецов или почетокот на февруари.
За подобар имунитет, доктор Атанасова советува да се земаат витамини.
„Вирусот е зависен од Д витаминот, во зима нема сонце, нема како да ни се создаде во кожата, затоа суплементацијата мора да биде и кај децата и кај возрасните. Советуваме повисоки дози на Ц витамин, цинк и селен – тоа се микроелементи кои имаат значителна функција во имунитетот кај нас“, изјави д-р Мира Атанасова, педијатар.
Иако бројот на заболени се зголемува, од Институтот за јавно здравје велат интензитетот на вирусот на грип е низок.
Дополнителен проблем во справувањето со вирусите и настинките на лекарите им создава и загадениот воздух. Тој е најголем причинител за респираторни заболувања, најмногу страдаат хронично болните.
Андријана Ѓурческа
