Образование

Јаневска: Усвоен најголемиот буџет досега за образованието и науката во 2025 година

09.01.2025 15:00

Предвидени се повеќе пари за капитални инвестиции со кои ќе се поддржи процесот на оптимизација на училишната мрежа, повисоки плати за наставниците во основните и средните училишта, но и за вработените во високообразовните установи...

Образованието во 2025 година ќе се финансира со буџет од 38 милијарди денари. Најмногу досега, затоа што Владата и министерството имаат намера да го забрзаат развојниот процес во вистинска насока. Предвидени се повеќе пари за капитални инвестиции со кои ќе се поддржи процесот на оптимизација на училишната мрежа, повисоки плати за наставниците во основните и средните училишта, но и за вработените во високообразовните установи. Ќе се унапреди ученичкиот и студентскиот стандард, а средствата за наука речиси двојно се зголемуваат.

За ова денеска на прес-конференција информираше министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, додавајќи дека почнува да се менува лошата реалност во образованието создадена во изминатите неколку години со импровизација и кабинетски одлуки, а без конкретен долгорочен план и консултации со стручната јавност и засегнатите.

Министерката истакна и дека ќе биде поддржан процесот на оптимизација на училишната мрежа, како и воведувањето на едносменска работа и продолжен престој за учениците, што ќе подразбира и вложувања во изградба, адаптација и опремување на просторни капацитети.

Парите за студентски стандард се зголемуваат од 1,4 милијарди денари на 1,8 милијарди денари. Освен зголемување на дел од правата како субвенционираниот оброк и обезбедувањето на бесплатен јавен превоз, МОН се фокусира и на подобрување на катастрофалните услови во студентските домови, за кои, како што рече Јаневска, претходната Влада немаше слух, иако повеќе пати беа ветувани изградби на цели студентски градови.

За науката пак, буџетот е зголемен двојно повеќе, односно од сегашните 380 на 680 милиони денари.

„Развојните политики на Министерството за образование и наука се креираат во соработка со бројни домашни партнерски организации и здруженија, но и со меѓународната заедница и меѓународни партнери, на кои сум им бескрајно благодарна и очекувам поддршката да се интензивира“, нагласи Јаневска, изразувајќи благодарност и до претседателот на Владата, министерката за финансии и сите пратеници кои во интерес на граѓаните и поквалитетно образование, го поддржаа усвојувањето на новиот буџет.