МТСП

Општините од утре можат да аплицираат за грантови за развој на социјални услуги на локално ниво

09.01.2025 15:10

Презентацијата на третиот јавен повик за грантови за развој на социјални услуги на локално ниво, како дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги при Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на Светска банка...

Заменик министерот и Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и Фатмир Сабриу, денеска присуствуваа на презентацијата на третиот јавен повик за грантови за развој на социјални услуги на локално ниво, како дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги при Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на Светска банка. Социјалните услуги кои ќе бидат финансирани преку повикот се услугите во домот и услугите во заедницата.

Овој повик претставува можност за значително зголемување на бројот на општини во кои се развиваат социјални услуги од 41 општина до сега, на најмалку уште 20 нови општини.

Тој се осврна на заложбите на министерството за градење на инклузивно и праведно општество. Како и отворањето на нови можности за продолжување за создавање на значајни промени за граѓаните, со акцент на најранливите.

Велковски ги истакна клучните работи кои се во фокусот на работењето на министерството. Како такви ги посочи: интеграција на системот за социјална заштита – преку воведување на ново софтверско решение со кое за прв пат ќе се има увид во правата и услугите кои ги користат сите членови на едно домаќинство, плаќања преку картички за социјална помош – наменски и исклучиво за задоволување на основните потреби, како и поголема поддршка за вработените во центрите за социјална заштита.

Државниот секретар, Сабриу зборуваше за двојната придобивка што ја носи реализацијата на Проектот за подобрување на социјалните услуги.

Денешната презентација овозможи детален преглед на условите за аплицирање, како и информации за поддршката која ќе им биде на располагање на општините и давателите на социјални услуги. Министерството ќе обезбеди поддршка за подготовка на сите потребни документи и предлог-проекти.

Проектите финансирани преку овој повик ќе бидат реализирани во периодот од 2025 до 2026 година, со цел значително подобрување на социјалните услуги и пристапот до нив за ранливите групи.

Ова е продолжување на успешните активности кои Министерството во рамките на социјалната реформа, која има за цел намалување на сиромаштијата и зајакнување на човечкиот капитал во земјата.