Утре интерпелација за петмина во Собранието
Утре интерпелација за петмина во Собранието. Вицепремиерот Меџити меѓу нив. Не се плаши, смета дека ова е само обид за дефокус на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност и од СДСМ за криминалите на коалициониот партнер. СДСМ се оградува …

Интерпелацијата за тројцата министри, еден заменик министер и за претседателка на собраниска комисија-поднесени од Европскиот Фронт, утре пред пратениците во Собранието. За вицепремиерот Изет Меџити ова е само обид на интегративците за дефокус на јавноста. Преку дестабилизација и магла ДУИ сака да се спаси од правдата-вели Меџити. Според него ставот на СДСМ е печат за признание на криминалите на ДУИ.
„Тие што се на црната листа, преовладуваат во овие структури. И место да се засрамат и да си направат реформите за да излезат од оваа тешка ситуација тие сè уште прават тенденции за дестабилизација и магла, само за да се спасат од правдата. Денес е ставен печатот и од нивниот довчерашен партнер СДСМ кој се огради и кажа дека главата на корупцијата е ДУИ“, изјави вицепремиерот Изет Меџити.
За петте интерпелации нема да гласа ниту СДСМ. Претседателот на партијата Венко Филипче се дистанцира од довчерашниот коалционен партнер ДУИ. Во интервју за дневен медиум објаснува дека партијата на Ахмети е симбол на корупција и поделби.
Нема амнестија за социјалдемократите во случајот Груби велат од ВМРО – ДПМНЕ. Тие бараат СДСМ да се извини за Груби, бидејќи го толерирале и не повеле постапка пред органите додека беа на власт.
„СДС знаеле од прв ден што прави Груби. Не може за влада која ја воделе заедно и која заради ДУИ опстојуваше СДС да не знае што се случувало. СДС доколку сериозно размислува како партија која сака да биде чинител во општеството, треба да се извини зошто го толерирале Груби и што не повеле постапка пред органите во нивно време“, изјави Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради Груби и слични како него СДСМ и ДУИ ги протуркаа законските измени во Кривичниот законик – обвинуваат од владејачкото мнозинство.
Марина Стојанова-Тонева
