САД

И натаму беснее пожарот што го зафати Лос Анџелес, во Калифорнија прогласена вонредна состојба

10.01.2025 08:29

И натаму беснее пожарот што го зафати Лос Анџелес.Пламените јазици ја зафатија и позната населба Холивуд Хилс. Претседателот Бајден ги стави на располагање федералните ресурси. Во Калифорнија е прогласена вонредна состојба. Населението во страв и паника и натаму во неизвесност за својата судбина. Растот на глобалните температури во комбинација со силен ветер причина најверојатно е главната причина за огнената стихија.

Пламените јазици што ја зафатија Калифорнија носат се пред себе. Претседателот Џо Бајден ги става на располагање федералните ресурси и одобри дополнителни средства за да и помогне на сојузната држава да се справи со разорните пожари.

„100% од сите трошоци ќе бидат покриени од федералната влада и од системот за управување со пожари. Ќе упатам апел до Конгресот на Соединетите Американски Држави. Ќе побараме помош за да им се обезбеди на овие луѓе засолниште и да ја добијат потребната поддршка“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Во Холивуд се откажани голем број на настани. Нов пожар избувна во познатата населба Холивуд Хилс. Пожарот се проширил на површина од 20 хектари.

„Има нов пожар, за жал, во Вест Хилс кој оди кон округот Вентура и очекуваме овој пожар брзо да се прошири поради силниот ветер. Ова е потсетник дека сме во многу динамична ситуација која може брзо да се промени“, изјави Керен Бас, градоначалничка на Лос Анџелес.

Во Калифорнија е прогласена вонредна состојба поради разорните пожари кои се надвор од контрола. Властите велат дека регистрираат повредени лица.

„Во моментов 5.316 објекти се оштетени или уништени. И за жал, нашите мисли и молитви се упатени кон семејствата. Имаме потврдени“, изјави Кристин Кроули, пожарникар во Лос Анџелес.

Населението во страв и паника и натаму во неизвесност за својата судбина. Повеќе од 170.000 луѓе ги напуштија домовите, додека најмалку пет лица загинаа во огнената стихија. Милион и пол луѓе останаа без струја.

„Тоа е навистина лошо. Има илјадници од нас кои не знаат што ќе правиме. Не знам каде ќе одиме. Не знам колку илјади објекти беа оштетени, но тоа е многу. Не знам како ќе може сите да ја добијат потребната помош затоа што дефинитивно ќе ни треба помош“, изјави Хуан Перез, жител на Алтадена Калифорнија, евакуиран.

Научниците проценуваат дека шумските пожари кои беснеат во околината на Лос Анџелес, се предизвикани од ветерот, како последен во низата климатски фактори кои најверојатно ќе продолжат да ескалираат со растењето на глобалните температура. Пред пожарите, Американската национална метеоролошка служба издаде неколку предупредувања за густо населената област на Лос Анџелес – дека пожарот може брзо да се прошири поради сувата вегетација.

 

Маријана Димовска