Огнената стихија во Калифорнија не запира, расте бројот на жртви и повредени
Апокалиптични сцени во Лос Анџелес. Шумските пожари во Калифорнија носат сè пред себе. Расте бројот на жртви и повредени. И натаму се издаваат налози за евакуација..

Апокалиптични сцени во Лос Анџелес. Шумските пожари во Калифорнија носат сè пред себе. Расте бројот на жртви и повредени. И натаму се издаваат налози за евакуација. Населението во страв и паника ги напушта домовите. Во Холивуд откажани голем број на настани. Пламени јазици ја зафатија и познатата населба Холивуд Хилс.
„Живеевме тука скоро 16 години, да, ова беше прекрасен дом и имавме многу убави моменти овде. Мојата ќерка има пријатели, најмалку петмина од нив ја загубија куќата. За цели семејства, на долг рок, ќе биде потребно долго закрепнување“, изјави Бриџит Берг од Алтадена, Калифорнија.
„Тоа е навистина лошо. Има илјадници од нас кои не знаат што ќе правиме. Не знам каде ќе одиме. Не знам колку илјади објекти беа оштетени, но тоа е многу. Не знам како ќе може сите да ја добијат потребната помош затоа што дефинитивно ќе ни треба помош“, вели Хуан Перез, евакуиран жител на Алтадена, Калифорнија.
Во евакуираните населби регистрирани грабежи од големи размери. Најмалку 20 лица се уапсени. Властите решија војската да биде распоредена на улиците за да ги заштити имотите од разбојништво. Од друга страна, калифорниските власти повлекоа 395 затвореници, обучени за гасење пожари и справување со поплави и други катастрофи за да помогнат во справуавањето со огнената стихија. Помагаат и екипи од околните сојузни американски држави.
„Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес официјално побара поддршка од Националната гарда на Калифорнија. Имавме приближно 400 членови на Националната гарда низ целата држава подготвени да не поддржат. Тие ќе ни помогнат со контрола на сообраќајот и заштита на критичната инфраструктура. Нашата цел е да се обидеме да спроведеме полициски час во специфичните погодени области“, изјави Роберт Луна, шериф на округот Лос Анџелес.
Претседателот Бајден ги става на располагање федералните ресурси и одобри дополнителни средства за да и помогне на сојузната држава да се справи со катастрофата.
„100 проценти од сите трошоци ќе бидат покриени од федералната влада и од системот за управување со пожари. Ќе упатам апел до Конгресот на Соединетите Американски Држави. Ќе побараме помош за да им се обезбеди на овие луѓе засолниште и да ја добијат потребната поддршка“, изтакна американскиот претседател, Џо Бајден.
И натаму се истражуваат причините за огнената стихија. Научниците проценуваат дека шумските пожари кои беснеат во околината на Лос Анџелес, помогнати од ветерот, се последен во низата климатски фактори кои ќе продолжат да ескалираат со растењето на глобалните температури.
Маријана Димовска
