Европски стандарди во охридската болница „Свети Еразмо“
Повеќе од шест децении во охридската болницата „Свети Еразмо“ се развива стручноста на докторите, таму се изведуваат операции единствени на Балканот. Наскоро Охрид ќе добие регионален здравствен центар за колено, ортопедија, трауматологија и кардиологија...

Лекарите овде се во чекор со најдобрите во Европа. Пациенти примени со најтешки повреди, од „Свети Еразмо“ си заминале буквално одејќи исправено. Лекување деформитети на рбет и издолжување на екстремитети, ова е нивната специјалност по која се издвојуваат од останатите. Ова е единствената болница на Балканот каде лекарскиот тим веќе има извршено повеќе сложени операции на р’бетен столб.
„Паднав, бев во Скопје пред 2 ипол години артроскопски ми го изчистија коленото ама болките не поминаа, морав да дојдам овде, кога ме виде докторот ми рече мора да ми стават протеза, па ќе видиме што ќе биде. Во Негорски бањи идам на терапија, луѓе што одат таму од оваа болница сите се задоволни“, вели Драга Бонева, пациент.
Скршеници на нога и рака, рбетен столб, врат- физијатрите велат успешноста на операцијата ја гарантира рехабилитацијата.
„Постоперативно по решавањето на фрактурата, веднаш ги стануваме, ги рехабилитирама, се спроведува физикална терапија во кревет и тие веднаш за 21 ден си одат дома на нозе, значи рехабилитацијата е комплет“, вели д-р Лихнида Марковска Ничевска, специјалист физијатар во болницата „Свети Еразмо“.
Освен најсложените операции од ортопедијата и трауматологијата, овде се рехабилитираат по 50-тина деца со церебрална парализа. По повеќе од шест децении старата болница ќе добие нов лик. Подобар престој за пациентите и најсовремена опрема за дијагностика на болести- проект вреден 200 милиони денари.
„Во завршна фаза е проектор за реконструкција, треба тендер за изведувач да се објави, се надеваме наесен или почетокот на идната година да отпочнеме со реконструкција. Во план е, во дел што моментално не го користиме да биде сместен кардиолошкиот завод“, вели д-р Митко Тилевски, директор во специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“.
Со кардиохирургијата, Охрид ќе добие регионален здравствен центар за колено, ортопедија и траумтологија.
Совршената клима и оптиманата влажност на воздухот во комбинација со високата стручност и модерната медицинска опрема во „Свети Еразмо“, го прават Охрид непресушен извор на здравје, овде велат многумина почнале одново да живеат.
Андријана Атанасовска
