Трамп најави средба со Путин
На десетина дена пред да ја преземе функцијата, новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп најави средба со рускиот колега Путин. Подготвеност и во Москва, потврди Кремљ. Во меѓувреме, Зеленски откри дека сојузниците во базата Рамштајн ветиле помош за Украина од 2 милијарди долари...

Има ли искра надеж за окончување на војната во Украина? Светот во исчекување – откако новоизбраниот шеф на Белата куќа Трамп најави разговор со рускиот претседател Путин. Тврди дека средбата е на барање на Кремљ и оти организацијата веќе е во тек.
„Претседателот Путин сака да се сретнеме. Тој тоа го кажа дури и јавно, и ние мораме да ја завршиме таа војна. Војниците умираат, а градовите во голема мера беа разрушени. Мислам дека бројките на загинати ќе бидат многу поголеми. Тоа е војна што никогаш немаше да се случи доколу јас бев претседател. Таа војна ќе се обидам да ја прекинам што е можно побрзо“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од друга страна, пак, портпаролот Песков истакна дека Путин би прифатил средба, но досега нема официјална покана од Вашингтон.
„Гледаме дека и господин Трамп ја изјавува својата подготвеност да ги реши проблемите преку дијалог. Специфичностите сепак произлегуваат од взаемната подготвеност за средба. Очигледно, откако господин Трамп ќе влезе во Овалната соба ќе има некое раздвижување“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во Европа се стравува оти изјавите на Трамп за брз крај на војната би можеле да значат промена на курсот на американската надворешна политика кон Украина. Трамп во предизборната кампања ветуваше дека ќе донесе мир во земјата, но честопати ја критикуваше и одлуката на Бајден за испраќањето воената помош. Од Европската унија најава дека ќе продолжат со обезбедувањето помош за Украина дури и ако Вашингтон се откаже од неа. Но, украинскиот претседател Зеленски вели дека за ставање крај на заканите од Русија, не е доволна само помошта од Европа.
„Јасно е дека потпирањето на еден континент или на неколку земји не е доволно. Во секој случај, верувам дека не можеме да се потпреме само на европските безбедносни гаранции за да се спротивставиме на закана како Русија. Само европските гаранции не се доволни. Потребни ни се обединети безбедносни гаранции кои ги вклучуваат и САД и Европа. Се разбира знаеме дека најсилните гаранции, или оние на кои најмногу им веруваме доаѓаат од НАТО“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Средбата Трамп-Путин во меѓународната јавност покренува низа дилеми – не само за решавање на кризата во Украина, но и за иднината на односите меѓу Вашингтон и Москва. Но, исто така остануваат сомнежите за пронаоѓање трајно и одржливо решение за украинското прашање.
Маја Стојанова
