Политика

Тошковски: Видеото на Ахмети е неуспешен обид за дефокусирање од реалноста

10.01.2025 13:53

Избришано е видеото кое во изминативе денови се ширеше на социјалните медиуми, на кое беше прикажан лидерот на ДУИ, Ахмети во униформа на УЧК со порака дека досега не загубил ниту една војна...

Избришано е видеото кое во изминативе денови се ширеше на социјалните медиуми, на кое беше прикажан лидерот на ДУИ, Ахмети во униформа на УЧК со порака дека досега не загубил ниту една војна. Министерот за внатрешни работи Тошковски вели – ова се случува кога некој е кабает, па наметнува теми кои се одамна затворени.

„Ова би го оценил како неуспешен обид за дефокусирање на јавноста од тоа што е реалност, а реалност е дека заврши времето на ’како досега‘, заврши времето кога криминалците не одговараа и заврши времето кога нивните предмети беа туркани во фиоки и под тепих“, нагласи министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Поранешните коалициски партнери СДСМ и ДУИ разменија остра пораки. Социјалдемократите го повикаа Ахмети конечно да излезе од националистичкиот филм и да не подгрева меѓуетнички тензии.

„Таквите политики и филмови со воени униформи се несоодветни провокации за коишто дефинитивно нема никакво место во нашето општество. Не држат вода обвинувањата дека СДСМ има албанофобија. СДСМ е единствената партија којашто вистински се залага за соживот“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од ДУИ вратија дека СДСМ јава на бранот на албанофобија следејќи го патот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо да се соочи со сопствената криза и да ја преземе одговорноста за тешкиот пораз, СДСМ бара спас со тоа што им сервира на Македонците лажен непријател – Албанците“, обвинија од ДУИ.

Интегративците почнаа со изјави за намалување на веќе стекнатите права на албанската заедница по укинувањето на балансерот од Уставниот суд и почната расправа за уставноста на Законот за употреба на јазиците.

Ирина Гелевска