Кривична пријава против тројца за крвничкото претепување на бездомното куче Феликс
Полицијата поднесе кривична пријава против тројца скопјани за бруталното претепување на бездомното куче Феликс, кое по 50-дневна борба за живот, умре во ЈП „Лајка“ поради нанесените сериозни повреди на главата. Осомничените ќе се гонат за „мачење животно“ …

Судбината на бездомното куче Феликс допре до илјадници срца во земјава. Пред неколку дена Феликс угина во Јавното претпријатие „Лајка“ и покрај сите напори за да се спаси неговиот живот.
Кучето беше донесено во „Лајка“ со тешки телесни повреди по главата, со хематоми и со осекотини по грбот. Не можеше ни самостојно да се движи, беше во многу лоша здравствена состојба – раскажува ветеринарот кој се грижел за Феликс до неговата смрт.
„Претпоставуваме дека е сето тоа од тие повреди на мозокот на централниот нервен систем каде што тие повреди за жал се иреверзибилни. Односно неповратни. Тоа е мозочно ткиво кое не се регенерира и не се репарира како останатите органи или делови од телото. На крајот веќе почна да пројавува и епилептични напади, третирано е, меѓутоа не успеавме да ги совладаме“, вели Горан Ѓоргиевски, доктор од ветеринарна медицина.
Полицијата поднесена е кривична пријава против тројца скопјани за крвничкото претепување на Феликс.
„Веќе денес стапивме во контакт со МВР и со обвинителот и јас по тоа што успеав да го слушнам од нивна страна искрено сакам да верувам дека ќе одговара. Неговите болки, неговата мака, неговото мачење колку и да е жално навистина, трагично е тоа што се случи … Меѓутоа верувам дека ќе видат некоја иницијална каписла за да се случат некои промени во нашето општество“, вели Елена, правник во ЈП „Лајка“.
Претепувањето на Феликс со метална прачка во складиште во Момин поток се случи во ноември, а објавената снимка ја шокирање јавноста.
Ана Јосифоска
