Кризата во Германија го погоди македонскиот текстилен сектор
Намален обем на нарачки имаат дел од македонските текстилни компании заради економската криза во Германија, каде завршува над 70 насто од нашето текстилно производство. Текстилниот сектор се мачи и со недостиг на работна сила, слаба продуктивност и високи трошоци кои го прават неконкурентен за соработка со странските партнери...

Кризата во Германија се рефлектира врз работата на македонските текстилни компании кои традиционално се поврзани со овој пазар и зависат од нарачките од германските партнери. Обемот на работа е намален за околу 30 насто и неколку компании престанаа со работа, велат од текстилниот кластер.
Кризата во македонскиот текстил почна од пандемијата и продолжи со енергетската криза и војната во Украина. Најпогодени се конфекциите кои не се високо технолошки опремени. Решението е во вложување во технологија и подигање на продуктивноста, за лон производството да не е единствена опција.
Финансиската криза во Германија не е единствена причина за тонење на македонскиот текстил кој со години се соочува со недостиг на кадар и ниска продуктивност. Конфекционерите немаат големи очекувања од најавените поволни кредити.
Славица Величковска
