Во Охрид се санира најзначајниот објект-Куќата на Робевци
Кон крајот на минатата година започна санацијата и реставрацијата на најзначајниот објект во Охрид-Куќата на Робевци. Се работи за еден од најголемите проекти во текот на минатата година за што Министерството за култура лани издвои три милиони денари, а работите ќе се одвиваат до март за што ќе бидат потрошени дополнителни средства кои ќе ги обезбедат Министерството и Охридскиот завод и музеј. Особено внимание ќе се обрне на безбедноста на објектот, бидејќи во него се наоѓа златната соба во која се изложени највредните археолошки предмети …

Во тек се обемни интервенции за санација и реставрација на најрепрезентативниот објект во Охрид-Куќата на Робевци. Целта е споменичниот комплекс чиј дел се Магазата, Депото и Лапидариумот да се сочуваат од забот на времето, со што ќе бидат уште поголема атракција за посетителите.
„Се работи за интервенции на фасадите и на крововите, меѓутоа и внатрешна на подовите на помошните објекти. Се работи исто така на нов систем за греење и ветрење во куќата на Робевци. Со тоа ќе обезбедиме идеални услови за самите експонати во објектот, меѓутоа и подобри услови и за вработените и посетителите“, изјави Горан Патчев, директор на Завод и музеј Охрид.
Со оглед на тоа што во овој објект се наоѓа златната соба каде што се наоѓаат највредните предмети, се очекува во рамките на проектот да биде вграден и нов алармен систем.
Да потсетиме дека во неа се поместени 500 златни и позлатени предмети од временски период подолг од 25 века, како и златната маска.
„Покрај другите работи ќе се обезбеди нов видеонадзор, посовремен и нов алармен систем, особено на златната соба која ни е од големо значење за градот и републикава“, каде што се чува златото на Лихнитида“, изјави Горан Патчев, директор на Завод и музеј Охрид.
Според зборовите на Патчев овој објект не е соодветен за презентирање археолошки експонати, поради тоа се очекува градот што поскоро да добие археолошки музеј, каде ќе бидат изложени големиот број предмети кои се наоѓаат во депоата далеку од очите на јавноста.
Сашо Нелоски