Собрание

Пет интерпелации завршени во еден ден

11.01.2025 12:37

Не поминаа четирите интерпелации за работата на владините функционери. Единствено, со 61 глас „за“, 22 против и без ниту еден „воздржан“ беше поддржана интерпелацијата за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, поднесена од Левица. Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата се основани. На седницата не присуствуваа пратениците од СДСМ, а против гласаа и од „Вреди“...

Пет интерпелации завршени во еден ден. Три за министри во владата и една за заменик министер не минаа. Ги поднесе ДУИ, но владејачкото мнозинство гласаше против разрешувањето на Тошковски, Меџити, Стоиљковиќ и Исени. На сите ДУИ им замерува дека на Денот на албанското знаме не реагирале соодветно. Секој со свое гледиште до пред полноќ.

Од друга страна мнозинството пратеници гласаа за интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути. За неа камен на сопнување беше тоа што на Комисија не ги стави измените на Законот за бранителите. За интерпелацијата гласаа Левица, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, но не и пратениците од „Вреди“.

Останува отворено дали Европскиот фронт предводен од ДУИ на местото на Илире Даути ќе предложи нов претседател на Комисијата за социјална политика или и покрај интерпелацијата таа ќе остане на чело на ова собраниско тело. Интерпелацијата не значи и нејзино разрешување.

Појаснувањето стигна од кабинетот на спикерот Гаши. Интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.

 

Миле А. Ристески