воен конфликт

Проширени американски санкции против рускиот енергетски сектор, воениот конфликт продолжува

11.01.2025 13:41

Проширените американски санкции против енергетскиот сектор на Русија, ги зголемија цените на нафтата. Последниот обид на Бајден да и нанесе болка на Москва пред Трамп да ја преземе функцијата, осуден од Кремљ. Зеленски пак, задоволен од одлуката на Вашингтон. Војната со дронови продолжува...

Цените на нафтата се зголемија за речиси три насто на највисоко ниво во последните три месеци, откако Белата куќа најави проширување на санкциите против енергетскиот сектор на Русија, откривајќи го најновиот напор на Бајден да и нанесе болка на Москва пред Трамп да ја преземе функцијата.

„Санкциите беа воведени затоа што ќе имаат големо влијание врз растот на руската економија, ќе му отежнат на Путин да ги води своите војни. Веројатно е дека цените на бензинот би можеле да се зголемат до 3 или 4 центи за галон. Но, што друго би имало подлабоко влијание врз способноста на Русија да продолжи да дејствува на начинот на кој постапува во водењето на војната?“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Зеленски го поздрави потегот на САД оценувајќи дека значително ќе ја поткопа финансиската основа на руската машинерија, додека Кремљ ги осуди новите санкции.

„Јасно е дека сегашната администрација има за цел да воспостави најотровно наследство во билатералните односи за претстојната администрација на Трамп и неговиот тим“, Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Од руската компанијата „Гаспром-Нефт“ велат дека одлуката на Вашингтон е неоснована и нелегитимна, но не и неочекувана. Со новите санкции се опфатени и над 180 бродови на руската флота во сенка. Во истовреме на фронтот, борбите продолжија. Украинските сили ја нападнаа руската област Тамбов. Повредени се неколку лица откако дронови се урнале врз две станбени згради во Котовск-соопштија властите во Москва. Од друга страна и Украина јавува за урнати руски беспилотни летала, но и за нови напади врз Запорожје.

„Слушнав силна експлозија, стаклото полета и излетав одовде“, изјави Галина Дјаченко, жителка од Запорожје.

„Седевме во собата кога одеднаш се случи експлозија, сите се вкочанивме. Потоа брзо излеговме надвор да погледнеме, покривот на соседот беше погоден“, изјави Катерина Шапран, жителка од Запорожје.

Додека Трамп најавува брзо завршување на војната по преземањето на функцијата, од Пентагон соопштија дека околу 4 милијарди долари остануваат од пакетот поддршка за Украина кои ќе бидат наследени од новата администрација за која ќе треба да решава новиот претседател.

 

Бојана Крстевски