Град Скопје организира вонредна акција за расчистување на насобраниот смет во Шуто Оризари
За состојбата во Општината, градот го обвинува градоначалникот Курто Дудуш, со тврдење дека се составени записници и е поднесена пријава...

Градот Скопје од синоќа организира вонредна акција за чистење и дезинфекција на општина Шуто Оризари, со цел како што велат, спречување на ширење зарази и загрозување на животната средина. За состојбата во Општината, градот го обвинува градоначалникот Курто Дудуш, со тврдење дека се составени записници и е поднесена пријава. Дудуш поставил свои приватни контејнери на општинските улици, а на граѓаните им наплаќа за чистење на отпад на парагон блокче за што се располага со соодветни докази. Потоа, иако знаел дека е незаконски, отпадот го складирал на свој имот, односно приватна парцела во негова лична сопственост, со која си склучил договор и ја дал под закуп на Општината.
Отпадот кој го собирал спротивно на закон и си наплаќал за истото, потоа наместо да го одложи во единствената акредитирана депонија „Дрисла“ тој си направил приватна депонија, соопштија градските власти.
Градоначалник на Шуто Оризари пак и порача на скопската градоначалничка дека ќе одговара. За изјавата на Арсовска дека му пуштила седум кривични пријави, Дудуш рече дека сето тоа е веќе видено, бидејќи истиот принцип на функционирањето го има секојпат кога некој ќе и застане на патот.
