Аерозагадување

По високите нивоа на загаденост кои траеа неколку денови, денеска воздухот е на ниско загадено ниво

11.01.2025 15:45

Денеска во Скопје имаме почист воздух, но освен домаќинствата и сообраќајот, удел во аерозагадувањето имаат и градежните работи. Влијание има и непланската инфраструктура...

Домаќинствата, сообраќајот, но и непланската градба има влијание врз аерозагадувањето, алармира експертската фела. Ако сакаме состојбата долгорочно да се промени, деканот на Градежниот факултет Горан Марковски вели дека мора да се прекине со непланското градење на висококатници, главно кон правците на струење на воздухот.

И граѓаните реагираат дека се гради кај ќе се стигне. Велат згради никнуваат на секој чекор и затоа нема струење на воздухот во централното градско подрачје.

По високите нивоа на загаденост кои траеа неколку денови, денеска воздухот е на ниско загадено ниво, според податоците од мерните станици на Министерството за животна средина.

Задува ветер и воздухот во Скопје и во неколку други загадени градови во земјава се прочисти, но тоа нема да трае долго.

СЗО предупредува дека во Македонија годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе.

 

Борис Грујоски