И во зима се асфалтира автопатот Охрид-Кичево, апел за претпазливо возење
Интензивно се гради автопатот Охрид-Кичево. Во зимски услови и пред најавените врнежи од снег апел за внимателно возење. Лани на овој патен правец животот го загубија две лица …

Интензивно се гради автопатот Кичево Охрид. Како што најавија надлежните се користат специјални адитиви и се асфалтира и во зимски услови.
Градежна офанзива, механизација и работници секојдневно на терен. Остануваат најавените рокови, изградбата на автопатот ќе заврши до идната година.
Од полицијата препорачуваат исклучително внимателно возење, особено во зимските услови и пред најавените врнежи од снег, којшто се очекуваат од утре. Лани на автопатот две лица го изгубија животот во сообраќајни несреќи кај селото Ботун.
„Овие податоци сами по себе покажуваат дека е потребно зголемување на степенот на сообраќајната безбедност, култура кај сите учесници на сообраќајот особено кај управувачите на моторни возила. Тука посебно сакам да акцентирам крајно внимателно возење на автопатот Кичево Охрид кој сè уште е во изградба“, изјави Стефан Димовски, портпарол на СВР Охрид.
Најчесто причините за сообраќајните несреќи на овој патен правец е возење со неприлагодена брзина со условите на патот.
„Една од основните причини за случените сообраќајни несреќи е непочитување на сообраќајните правила и прописи ограничување на брзината на движење, останатите причини се и користење мобилен телефон и неприлагодување на брзината на движење према условите на патот посебно во зимски услови“, додава Димоски.
Изградбата на автопатот Охрид-Кичево, започна во февруари 2014 година. Конечно после цели 11 година оваа летна сезона се очекува да биде пуштен во употреба дел од автопатот од Врбјани до Охрид.
Соња Рилковска
