Енергетика

Санкциите од САД против рускиот енергетски сектор нема да се одразат врз земјава

12.01.2025 13:45

По санкциите од САД против рускиот енергетски сектор, проблеми со снабдувањето со природен гас во Европа. Азербејџан го прекина договореното снабдување со гас за Бугарија и за Србија. Од ЕСМ и од Регулаторната комисија за енергетика за МТВ велат дека санкциите нема негативно да се одразат во снабдувањето со природен гас и дека количините се обезбедени. Најголем дел тие доаѓаат преку Турција …

По американските санкции против важниот руски енергетски сектор, проблеми со снабдувањето со природен гас во Европа. Руската компанија Гаспром објави дека по украинското необновување на транзитниот договор нема ниту правни, ниту технички можности да продолжи да го испумпува гасот низ гасоводите во земјата. Пред неколку дена и Азербејџан го прекина договореното снабдување со гас за Бугарија и Србија, поради технички проблем на подморската линија за извоз на гасен кондензат. Македонија засега нема проблеми со набавките, велат од ЕСМ. Топланите ќе продолжат да работат на гас. Набавката на мазут е законска обврска, но на последниот повик никој не се јави.

„Нашиот снабдувач со кој имаме склучен договор за јануари, редовно и без прекин не снабдува со потребните и договорени количини на природен гас. Во секојдневната комуникација која ја имаме, немаме ниту најава, ниту очекуваме нарушување во испораката на овој енергенс за домашните потреби“, велат од ЕСМ.

И првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Бислимовски за МТВ вели дека санкциите нема негативно да се одразат во снабдувањето со природен гас, количините се обезбедени. Најголем дел од количините доаѓаат преку Турција.

И познавачите на приликите се согласуваат дека земјава нема да претрпи штети од санкциите за Русија. Димитров ја потенцира и важноста што Владата формира ново министерство за енергетика, што најдиректно се занимава со набавките или испораката на топлинска енергија и струја.

Прекинот од испораката на гас од Азербејџан најмногу ќе го почувствуваат Србија и Бугарија. Вучиќ изјави дека земјата ќе мора да ги користи сопствените резерви доколку проблемот не се реши во рок од месец или два. Бугарија престана да користи руски гас во април 2022 година, откако го отфрли барањето на Москва да го плати гасот во рубли.

Милчо Велески