Зимските служби на терен, се чисти снегот
Македонија под снежна покривка. Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци. УХМР издаде портокалов аларм. Следната недела температури и до минус десет степени. Како функционираат зимските служби, се расчистуваат ли државните патишта?

Во ски-центарот „Нижеполе“ на Баба Планина нова снежна покривка. Веќе има рекреативци кои уживаат во снежната идила и во чистиот воздух на оваа воздушна бања. Зимските служби работеле цела вечер, проодно е до ски-центрите, а и снегот најавува квалитетно скијање.
Нов снег според УХМР ќе се таложи во наредните 24 часа. Скијачките патеки ќе бидат во подготовка и денеска нема да работат ски-лифтовите. Од утре со одлична можност за скијање.
Екипите на „Македонија пат“ по 24-часовното дежурство, координирани, остануваат на терен во служба на граѓаните. Во битолскиот регион, засега проодност има и во руралните средини, а интензивно се работи и низ градот.
20.200 хектари од пелагониското поле се наводнува од „Стрежевската брана“, па овие снежни врнежи се од витално значење за спас на земјоделските култури од сушите во летните денови. Вода ќе имаат и битолските граѓани, но и РЕК Битола.
За денеска УХМР издаде портокалов аларм за најголем дел од територијата на земјава. Поради најавената снежна бура, од СВР Битола упатуваат на задолжително носење на зимска опрема.
Ако појдете на скијање и рекреација, почитувајте ги препораките на СВР Битола за задолжително носење на ланци и зимска опрема.
Ружица Аџикотарева Ѓоршевска
