Одбележана 17-годишнината од хеликоптерската несреќа во која загинаа единаесет припадници на Армијата
Во Катлановско Блаце се одбележуваат 17 години од хеликоптерската несреќа, во која загинаа 11 македонски мировници, кои се враќаа од мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина. На споменикот, свежо цвеќе положија министерот за одбрана, Владо Мисајловски и генерал-мајор Сашко Лафчиски, припадници на воздухопловниот винг и семејствата на загинатите.

17 години од хеликоптерската несреќа во која загинаа единаесет припадници на Армијата. Хеликоптерот со кој се враќаа од мисијата Алтеа во БиХ, се урна во Катлановско Блаце на 12-ти јануари во 2008-та година. На местото на несреќата, стои спомен-плоча со имињата на трагично загинатите потполковникот Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.
На загинатите мировници им беше оддадена почит со минута молчење и положување венци цвеќе од делегации на Армијата, Министерството за одбрана, семејствата, Општината Петровец.
По неколку години истражување, и врз основа на независната експертиза на британецот Едвард Пули, Обвинителството ја затвори истрагата, без да покрене кривична одговорност. Во конечниот извештај стоеше дека и покрај многубројните посочени пропусти на Армијата и на контролата на летање, необученоста на пилотите за летање во лоши временски услови била главната причина за несреќата.
Ирина Гелевска
