Започнува Вевчанскиот карневал
Започнува Вевчанскиот карневал, во конаците на василичарите одекнуваат зурлите и тапаните. Три денови сите патишта водат во Вевчани. Утре е централното дефиле на маските.

Од денес сите патишта водат во снежно Вевчани, каде веќе одекнуваат зурлите и тапаните во конаците на василичарските друштва. Започнаа обредите и ритуалите карактеристични за Вевчанскиот карневал. Програмата продолжува вечерва со концерт на групите Ареа, Љубојна и „Забрането пушење“.
Утре кон пладне е централното дефиле, вевчанци верни на традицијата маските ги држат во строга тајност.
„Се е подготвено се е во најдобар ред малку и снег имаме и василичарите посебно се радуваат атмосферата е многу подобра со снег за Василица. Ги чекаме гостите, сите капацитети во Вевчани се полни ние сме спремни чекаат 13 да тргнат од конаците и да се направат сите адети по ред“, изјави Сашо Бетоски, василичар.
Вевчанскиот карневал е вековна традиција, интересно и необично преплетување на паганските со христијанските обичаи, го нарекуваат слободен театар без граници, кој денес привлекува голем број туристи. Карневалот е светост за василичарите.
„Во Вевчани карневалот се претставува со душа и срце. Првите знаци се зетот и невестата потоа глупавиот август, ѓаволот а потоа секој си прави своја маска. Посебно обележје за овој ден е снегот кој не благослови со сите нишани“, вели Сашо Мурџески, василичар.
Се очекува овие три денови илјадници туристи да бидат дел од карневалската магија под падините на Јабланица.
Соња Рилковска