Подготовки за средбата меѓу Путин и Трамп
Се прават подготовки за средбата Путин – Трамп. Србија на листата која се нуди да биде домаќин на двајцата лидери. Договорот за средба доаѓа откако Бајден ги прошири санкциите против рускиот енергетски сектор, задавајќи и удар на Москва.

Подготовките за средбата меѓу Путин и Трамп се во тек-потврди идниот американски советник за национална безбедност Волц во интервју за ЕЈ-БИ-СИ, а на листата земји кои нудат гостопримство за разговорите меѓу двајцата лидери се придружи и Србија.
„Подготовките се во тек. Сè уште не сме ја поставиле точната рамка за состанокот, но работиме на тоа. Очекувам повик во наредните денови и недели“, изјави Мајк Волц, иден советник за национална безбедност.
Договорот за средба доаѓа во момент кога администрацијата на претседателот во заминување Бајден ги прошири санкциите против рускиот енергетски сектор обидувајќи се да и зададе удар на Москва пред Трамп да ја преземе функцијата. Од Белата куќа категорични – договорот за Украина мора да содржи безбедносни гаранции за да се спречи повторување на конфликтот, а земјата мора да биде способна сама да носи одлуки. Во истовреме борбите меѓу Москва и Киев продолжуваат. Зеленски, соопшти дека е подготвен да ги размени заробените севернокорејски војници за Украинците што ги држи Русија.
„Украинската безбедносна служба продолжува да работи со севернокорејските воени заробеници. Еден од нив изрази желба да остане во Украина, додека вториот сака да се врати во Кореја. Ако Ким Јонг Ун воопшто се сеќава на овие негови граѓани и е способен да организира размена за нашите воини што се држат во Русија, ние сме подготвени да префрлиме такви војници“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Полска ја отфрла можноста за испраќање мировници во Украина, додека Шведска најави испраќање воени бродови во Балтичко море за заштита на подморничките кабли.
„Шведска не е во војна, но не е ниту во мир. Вистинскиот мир е слобода и отсуство на сериозни конфликти меѓу државите. Ние и нашите соседи сме цел на хибридни напади кои не се вршат со проектили и војници, туку со компјутери, пари, дезинформации и закани за саботажа. Оваа безбедносна ситуација и фактот дека чудните работи продолжуваат да се случуваат во Балтичкото Море не наведуваат да веруваме дека непријателските намери не можат да се исклучат“, изјави Улф Кристерсон, премиер на Шведска.
Во последните месеци во Балтичко Море беа оштетени неколку електрични и телекомуникациски кабли, а според експертите и политичарите, оштетувањето на енергетската и комуникациската инфраструктура е дел од „хибридната војна“ на Москва против Западот.
Бојана Крстевски
