Расте довербата во ЕУ
По пробивот на евроскептиците на неодамнешните европски избори, според последното испитување на јавното мислење европјаните имаат поголема доверба и подобро мислење за Европската Унија...

Според Евробарометарот, 42% од граѓаните на Европската унија сметаат дека нивниот глас се слуша во ЕУ, за спорeдба, во ноември ланската година тоа го мислеа само 29% од испитаните.
Изненадува фактот што на пример овде во Франција, каде крајната десница – Националниот Фронт освои 25% од гласовите, 54% од испитаните сметаат дека нивниот глас сега се слуша повеќе во ЕУ. Тоа според експертите е поради растот на популизмот во повеќе членки на Унијата. Истовремено 50% од испитаните се оптимисти за иднината на ЕУ, а 65% од испитаните изјавиле дека се чувствуваат како граѓани на ЕУ, наспроти 59% со ноември 2013.
Судејќи според соопштението на заменик претседателот на Европската комисија, Марош Шефович, довербата на европјаните кон ЕУ се должи на комуникацијата за влоговите околу европските избори. Односно, бројните дебати и назначувањето за прв пат на кандидати за претседател на Комисијата од поголемите политички групи, доведе до поголема заинтересираност и дијалог со граѓаните. А тука беше и улогата на медиумите.
Од испитувањето дознаваме дека европјаните мислат дека економската ситуација во ЕУ ќе се подобри во текот на идните 12 месеци. И за прв пат по подолго време мнозинството од испитаните мислат дека најлошото со невработеноста е минато. Притоа се зголемува поддршката на еврото.
Европската комисија сака да верува во овие летни месеци, кога европските институции се на одмор, дека најлошото е зад ЕУ и дека репризата на економијата ќе започне да носи плодови. Есента ќе треба да дозволи да се провери дали овај оптимизам на европјаните е реален или беше само израз на надеж.
Тони Гламчевски
