Кореец се вљуби во Македонија
Младиот Кореец Џин е од Сеул, а за првпат бил во Македонија пред три години. Сега, вели, решил да си замине од Лондон, купил карта во еден правец до Скопје оти планира тука да остане...

Македонија станува привлечно место и за луѓе од далечниот исток. Случајно го сретнавме Џин Деним од Јужна Кореја.
Младиот Кореец Џин е од Сеул, а за првпат бил во Македонија пред три години. Сега, вели, решил да си замине од Лондон, купил карта во еден правец до Скопје оти планира тука да остане.
„Јас сум од Јужна Кореја. Дојдов овде пред еден месец. Јас сум христијанин, и овде дојдов да ја разгледувам земјата и живеењето тука. Ги посетив Охрид и Скопје. Навистина е убаво место. Го обожувам наследството на оваа стара античка држава“, вели Џин Деним.
Две години во Лондон го научиле дека Британците се постудени, а овде во Македонија, вели луѓето се пријатни и отворени со странците. Го прифаќаат насекаде, дури и го поканиле за празнување на Божиќ и роденден. Планира да остане во Македонија и веќе бил на интервју за работа во јапонски и кинески ресторан во Скопје. Почнал да учи македонски.
Џин е музичар, свири гитара и пее госпел песни. Една од песните што му е омилена е македонска.
Џин има право на безвизен престој од три месеци, а потоа ако најде работа ќе побара македонска виза за подолг престој. Сака старата христијанска земја, како што вели, да ја покаже и на своето семејство.
Ирина Гелевска
