ХРВАТСКА

Зоран Милановиќ реизбран за претседател на Хрватска

13.01.2025 11:54

Со огромно мнозинство на неделните избори Зоран Милановиќ е реизбран за претседател на Хрватска. Поддржан од опозициската Социјалдемократска партија, освои речиси 74 насто од гласовите. Противкандидат Приморац има околу 26 проценти. Во својот говор Милановиќ рече дека победата е признание за неговата досегашна работа, но тоа е и порака до власта.

Со огромно мнозинство на неделните избори Зоран Милановиќ е реизбран за претседател на Хрватска. Во вториот круг од гласањето убедливо го победи кандидатот на владејачката конзервативна партија Драган Приморац. Поддржан од опозициската Социјалдемократска партија, Милановиќ освои речиси 74 насто од гласовите, наспроти неговиот противкандидат Приморац кои има околу 26 проценти. Во својот говор Милановиќ рече дека победата е признание за неговата досегашна работа, но тоа е и порака до власта.

„Подадената рака е моја должност кон оние кои ја имаат извршната власт. Владата е најодговорна. Барам од Владата да го слушне ова што денеска го порачаа граѓаните. Ова не е поддршка за мене, да не се лажеме никој нема поддршка од 75%. Јас ќе се држам до Уставот, тоа е мојата агенда и со тоа се согласуваат 75 насто од гласачите. Уште еднаш барам од Владата да го слушне ова“, изјави Зоран Милановиќ, претседателски кандидат на СДП.

Ниту противкандидатот Приморац, ниту хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ не се одважија и не му ја честитаа победата на политичкиот ривал Милановиќ. Дадов се од себе, со мојата програма сакав да испратам јасна порака дека Хрватска може и заслужува подобро, но народот реши поинаку, рече Приморац во обраќањето пред своите поддржувачи.

„Колку што можев, дадов се од себе. Понудив визија за подобра, поинаква, горда Хрватска. Свесен сум дека некои не ја избраа програмата или визијата, имаа други причини, но тоа е право на демократијата. Во мојата агенда сакав да испратам јасна порака дека Хрватска заслужува и може подобро“, изјави Драган Приморац, претседателски кандидат на ХДЗ.

58-годишниот Милановиќ, жесток критичар на Европската унија и на НАТО, противник на западноевропската воена поддршка за Украина, важи за најпопуларниот политичар во Хрватска. Често е споредуван со новоизбраниот американски претседател Трамп, пред сè поради борбен стил на комуникација со неговиот вечен ривал, моќниот премерот Пленковиќ.

Претседателските избори во Хрватска се одржаа во време кога земјата се справува со голема инфлација, корупциски скандали и недостиг на работна сила.

Маја Стојанова