Најава за преговори

Сè уште нема прелиминарна подготовка за средбата Путин-Трамп, велат од Кремљ

13.01.2025 17:24

Идниот американски советник за национална безбедност Волц во интервју за ЕЈ-БИ-СИ ја потврди подготовката за средбата Путин-Трамп. Од Кремљ пак, велат- се уште нема прелиминарна подготовка...

Подготовките за средбата меѓу Путин и Трамп се во тек- потврди идниот американски советник за национална безбедност Волц во интервју за ЕЈ-БИ-СИ, а на листата земји кои нудат гостопримство за разговорите меѓу двајцата лидери се придружи и Србија. Од Кремљ пак, велат- се уште нема прелиминарна подготовка.

„Подготовките се во тек. Сè уште не сме ја поставиле точната рамка за состанокот, но работиме на тоа. Очекувам повик во наредните денови и недели“, изјави Мајк Волц, иден советник за национална безбедност.

„Многу земји ги нудат своите услуги каде што може хипотетички да се одржуваат контактите, но прерано е да се зборува за ова. Сè уште нема прелиминарна подготовка. Постои декларирано разбирање за политичката волја, бидејќи таквите контакти би биле вистински потребни и целисходни. Ќе видиме откако ќе се промени администрацијата во Вашингтон“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Договорот за средба доаѓа во момент кога претседателот во заминување Бајден ги прошири санкциите против рускиот енергетски сектор обидувајќи се да и зададе удар на Москва пред Трамп да ја преземе функцијата. Во истовреме, Русија тврди дека пресретнала беспилотно летало од Киев насочено кон компресорската станица што го снабдува гасоводот Турски тек. Зеленски, соопшти дека е подготвен да ги размени заробените севернокорејски војници за Украинците што ги држи Русија.

„Ако Ким Јонг Ун воопшто се сеќава на овие негови граѓани и е способен да организира размена за нашите воини што се држат во Русија, ние сме подготвени да префрлиме такви војници“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Полска ја отфрла можноста за испраќање мировници во Украина, додека Шведска најави испраќање воени бродови во Балтичко море за заштита на подморничките кабли.

„Шведска не е во војна, но не е ниту во мир. Ние и нашите соседи сме цел на хибридни напади кои не се вршат со проектили и војници, туку со компјутери, пари, дезинформации и закани за саботажа. Оваа безбедносна ситуација и фактот дека чудните работи продолжуваат да се случуваат во Балтичкото Море не наведуваат да веруваме дека непријателските намери не можат да се исклучат“, изјави Улф Кристерсон, премиер на Шведска.

Во последните месеци во Балтичко Море беа оштетени неколку електрични и телекомуникациски кабли, а според експертите и политичарите, оштетувањето на енергетската и комуникациската инфраструктура е дел од „хибридната војна“ на Москва против Западот.

 

Бојана Крстевски