Започнаа „Илинденските денови“ во Битола
Со дефилето по Широк Сокак и со познатото оро „Тешкото“, синоќа во Битола беше отворено 44-тото издание на фестивалот на фолклорот, „Илинденски денови“. На четири фестивалски вечери ќе настапат над илјада учесници од повеќе земји...

Традиционално, со звуците на „Тешкото“ најстариот фествал на народни песни и ора „Илинденски денови“ го најави четиридневниот вовед во најсветиот ден кога Македонија ќе ги чествува двата Илиндена. Манифестација која преку негувањето на она што го создавал народниот гениј докажува дека е еден од чуварите на богатата македонска културна историја и е жив учебник за сегашните и идни генерации.
„Иако Битола е најградскиот град, Илинденските денови се одлична прилика да се потсетиме на корените од минатото. На фолклорното богатство и традиција“, вели Димче Миновски кој редовно ја следи манифестацијата.
„Прекрасно е. Едноставно бев воодушевен од глетката низ градот кога учесниците секој со своите песни ора и обичаи се движеше во дефилето“, вели битолчанецот Перица Поповски.
Настапот на над илјада учесници од сите крави на светот во очи на 2-ри Август е потврда дека манефестацијата која последните десетина години добива интернационални димензии ги отвара ширум вратите и за презентација на културното богатство и на останатоте народи. Место каде што на дело се потврдува и познатата Гоцева мисла.
„За нас е големо богатство што успеваме во Битола како град кој привлекува, вечерва да привлечеме наши пријатели од Јапонија, Австралија, Србија, Грузија, Северен Кипар, Бугарија, Норвешка и други земји од светот“, рече подпретседателот на македонското Собрание, Антонио Милошоски при отворањето на фествалот.
„Навистина прекрасно е да се гледа како фестивалот расте и по квалитет и квантитет, а при тоа да се пренесува нашата, но и запознава туѓата културна историја“, рече Борче Димитровски, директор на Центарот за култура- установата која ја организира манифестацијата.
Со дел од од обичаите и традицијата на земјите учеснички посетителите можеа да се запознат уште на дефилето по „Широк Сокак“, настан што му дава еден посбен белег на фествалот „Илинденски денови“.
Стевче Митревски
