Македонија

Измените на Законот за платежни услуги и платни системи го поминаа првиот собраниски филтер

13.01.2025 18:39

Со предложените измени, како што објасни заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, се предвидува допрецизирање на дел од одредбите од постојниот Закон за пристапување на земјава во Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА).

Собраниската комисија за финансирање и буџет на денешната седница констатира дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи е прифатлив и треба да се даде на натамошно, второ читање.

Со предложените измени, како што објасни заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, се предвидува допрецизирање на дел од одредбите од постојниот Закон за пристапување на земјава во Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА).

Законот во голема мера е усогласен со оној во ЕУ, но Европската комисија констатирала одредени регулаторни недостатоци кои треба да се доуредат.

Сепак, се очекува, рече Јанкуловски пред Комисијата, Северна Македонија да се приклучи кон СЕПА најдоцна до март 2025 година.

Можноста земјите кои не се членки на ЕУ и еврозоната да имаат право да се вклучат во СЕПА постои од 2020 година, но основниот услов е нивната правна рамка што ги регулира плаќањата да биде хармонизирана со европското законодавство од оваа област.