Руте: Инвестирајте повеќе во одбраната или почнете да учите руски јазик
Иднината на Европа зависи од исходот на војната во Украина, став на генералниот секретар на НАТО, Руте. Според него, Европејците мора да ги зголемат трошоците за одбрана, во спротивно ќе треба да научат руски јазик или да заминат во Нов Зеланд. За земјите во Европа, зголемувањето на трошоците за одбрана на пет насто по предлог на новоизбраниот претседател на САД, нема да биде едноставен предизвик. Светот е во исчекување на средбата Путин-Трамп додека на фронтот војната е во полн ек.

Западен Балкан е клучното соседство на НАТО и случувањата пред сè во Босна и Херцеговина, но и односите меѓу Србија и Косово, се причина за загриженост, изјави генералниот секретар на Алијансата, Руте. Според него, иднината на Европа зависи од исходот на војната во Украина, Европејците треба да трошат повеќе за одбрана, во спротивно ќе треба да научат руски јазик или да заминат во Нов Зеланд. Шефот на НАТО дециден, сегашната цел да се издвојат два процента за одбраната не е ни приближно доволна.
„Длабоко сум загрижен за безбедносната ситуација во Европа. Ние не сме во војна, но не сме ниту во мир. Мораме да ја зголемиме отпорноста на нашата заедница и да ја одржиме и засилиме нашата поддршка за Украина за да ја промени траекторијата на војната и да ја одврати натамошната руска агресија во иднина“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Полска, Франција, Италија, Германија и Велика Британија велат дека предизвикот на новоизбраниот американски претседател Трамп да ги зголемат трошоците во одбраната на 5 насто нема да биде едноставен.
„5 насто, како што неодамна кажа Доналд Трамп, за Германија би значело дека ќе треба да потрошиме нешто повеќе од 40 проценти од целиот наш буџет за одбрана. Мислам дека тоа ја завршува дебатата многу брзо“, изјави Борис Писториус, министер за одбрана на Германија.
„Нашата цел сега е да засилиме безбедноста, да изградиме европско одвраќање, но исто така и да ја заживееме економијата, која минува низ тежок период. А зголемувањето на трошоците за одбрана во време на економска криза е покомплицирано отколку во други времиња“, изјави Гвидо Крозето, министер за одбрана на Италија.
И додека војната на украинскиот фронт и натаму е во полн ек, расте притисокот и врз Русија. Администрацијата на Бајден воведе санкции против руската нафтена индустрија, Киев воведе санкции за 140 субјекти за рускиот финансиски сектор.
„Она што го гледаме на бојното поле, особено на исток, Русија постигна некои дополнителни придобивки. Се разбира, борбите се многу тешки, како и во регионот Курск. Но, кога зборувате за превласт, Русија не постигна ниту една од своите стратешки цели што си ги постави речиси пред три години“, изјави Генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
„Санкциите се една од најефикасните алатки за правење фер притисок врз Русија и сите оние кои се поврзани со неа или работат за војната“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Од Кремљ велат дека Русија ќе бара алтернативни патишта за своите енергетски ресурси, а новите санкции ги дестабилизираат меѓународните пазари.
Маријана Димовска