„Еволуцијата на распадот“ ја отвора неделата на независниот театар во Драмски
Претставата „Еволуцијата на распадот“ во режија на Дамјан Димовски, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на сцената на Драмски театар во Скопје. Претставата е прва од петте што ќе бидат изведени како дел од посветата на независната сцена во Драмски...

Претставата „Еволуцијата на распадот“ во режија на Дамјан Димовски, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на сцената на Драмски театар во Скопје. Претставата е прва од петте што ќе бидат изведени како дел од посветата на независната сцена во Драмски. Работена е според „Отело“ на Вилијам Шекспир, а во продукција на „Артема – театарска лабораторија“.
Музиката е на Дарко Спировски, а играат: Илин Јовановски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Илина Чонкова, Тодор Стојковски, Ѓорѓе Нешковиќ.
Најдоброто време на човештвото, никогаш до сега индивидуата во општеството не била толку информирана како сега, никогаш човекот не бил послободен од денес и никогаш човек немал толкава слобода за избор, или само сето тоа е илузија на денешнината, илузијата на 21 век. И покрај сета оваа наводна слобода и оваа преголема информираност на човештвото, индивидуата сè уште ја има расипаноста скриена длабоко во неговата душа. Човекот сè уште не може да побегне од неговата природа, од постапките да се заштити самиот себе и притоа да добие некаква смисла и важност во свет каде што сето тоа е само на допир од електронски уред кој сите го носиме во своите џебови.
Егото на човекот ја кочи хармонијата на општеството. Манипулација, лицемерие и еден општ страв ја обликува атмосферата на 21 век, не е прашањето како сите да стигнеме заедно до таа хармонија туку како еден човек може да го турне другиот подолу за да стигне до таа хармонија сам притоа да се истакне пред другиот.
Во „Отело“ на Шекспир, лицемерието и манипулацијата помеѓу луѓето е ставено во прв план, самиот автор пред многу години ни претставува еден од главните проблеми што ја уништува денешницата. Главната идеја во претставата е како ваквите луѓе се наоѓаат насекаде околу нас, нивните влијанија врз нас и што можеме ние како индивидуа да преземеме за да се заштитиме односно ослободиме од тие стеги на таквите личности, или ќе останеме засекогаш под нивно влијание. Односно како да престанеме да се јадеме меѓусебно за хармонијата, и како заедно да стигнеме сите до неа.