Се спушти завесата на Вевчанскиот карневал
Се спушти завесата на Вевчанскиот карневал. Василичарите ги симнаа маските и го изиграа последното Василичарско оро …

Со последното Василичарско оро и палење на дел од маските денес завршува Вевчанскиот карневал. По вевчанските улици деновиве прошетаа стотици маски. Во карневалската пародија беа одбележани политичките и општествените збиднувања во земјава и светот. Без влакно на јазикот, без перде на очите вевчанци критикуваат сè живо.
„Завршува со традиционалното Василичарско оро на сред село и еден наметнат ритуал палење на маските. Тоа ние не го викаме палење на маските туку ослободување од тој товар што се носи два дена и некои во годините зел кибрит ги запалил тие маските па новинарите ги пренесле и остана последните 20-30 години како палење на маските“, изјави Сашо Бетоски, василичар.
Вевчанскиот карневал е театар без режија и граници. Досетливите василичари го истакнуваат слободниот дух, дури 40% од населението се маскираат овие денови. Туристите уживаа во карневалската магија која е спој на паганското и христијанското.
„Овде сме по трет пат, по препорака на нашиот колега фотограф кој со години доаѓа да го фотографира овој фестивал. Многу сме среќни што сме овде и имаме прилика да направиме фотографии, преубаво, е многу ни се допаѓа“, изјави фотограф од Грција.
Вевчанци со карневалот останаа верни на традицијата стара 15 векови, а општина Вевчани стана бренд, топ дестинација за Православна Нова година. Илјадници гости деновиве беа дел од најголемиот фестивал на сатирата.
Соња Рилковска