Националниот џез оркестар најавува концерт посветен на Квинси Џонс

14.01.2025 11:43

Во поп-селекцијата на концертот како солисти ќе настапат Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ Дексо, Сашо Гигов Гиш и Џон Илија Апелгрен. Диригент на концертот е маестро Владимир Николов.

Новата концертна сезона на Националниот џез-оркестар ќе почне со настанот „Џез-лектира: Quintessence by Quincy Jones“. Концертот, што ќе се одржи во објектот на Филхармонија на 24 јануари, со почеток од 20 часот, го покрива значајниот биг-бенд опус на сестраниот музички магнат Квинси Џонс, почнувајќи од неговиот прв албум издаден во 1959 година, ексклузивни неиздадени аранжмани, негови аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и биг-бенд аранжмани на композиции од подоцнежниот поп-период, кога Квинси доминира како аранжер и продуцент.

Во поп-селекцијата на концертот како солисти ќе настапат Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ Дексо, Сашо Гигов Гиш и Џон Илија Апелгрен. Диригент на концертот е маестро Владимир Николов.

За плакатот што го најавува концертот е искористена графиката „Шарен џезер“ на академскиот сликар Сергеј Андреевски од циклусот „Џезери“, прва во низата дела кои ќе бидат употребени за плакатите на Националниот џез-оркестар во текот на оваа година.

Квинси Џонс е легендарна фигура од музичката индустрија, композитор, аранжер, диригент, инструменталист, водач на бендови и продуцент со огромно влијание врз американската култура повеќе од 70 години, кој има работено со врвни уметници од секоја ера на популарната музика, од би-бап до хип-хоп. Добитник е на безброј признанија, вклучувајќи и вкупно 80 Греми номинации, рекорд на сите времиња, од кои освои 28 награди.