Обвинителство

Нови предистраги во Обвинителството

14.01.2025 12:23

Се водат шест предистраги за злоупотреби на тендери поврзани со ЕСМ, се прибираат докази, во скоро време се очекуваат резултати – потврди државниот обвинител Коцевски во интервју за емисијата „360 степени“. Се проверува и дали само полицаецот од Блаце којшто го пропуштил е одговорен за бегството на Груби...

Битолското обвинителство истражува како се делеле тендери во ЕСМ и во РЕК Битола. Отворени се шест предистраги, се прибираат докази, а вклучени се и експерти од МВР, потврди државниот обвинител Коцевски. Според него, ова обвинителство има капацитет да ги донесе предметите до финиш, а наредниот месец од помош ќе им биде и истражниот центар што ќе се формира во Битола.

Во врска со предметот „Државна лотарија“ во кој е осомничен поранешниот вицепремиер Артан Груби, Коцевски вели дека тој не смеел да ја напушти државата, бидејќи за него обвинителството издало наредба да се сопре ако се обиде да ја помине границата. Се утврдува дали освен полицаецот којшто го пропуштил има и други инволвирани.

Коцевски вели дека засега нема докази против екс-премиерот Димитар Ковачевски, но се проверуваат наводите на МВР дали и кај него има одговорност.

 

Анита Димитријевска – Велковска