Гасот ги разгорува тензиите меѓу Истокот и Западот
Откако дронови се обиделе да нападнат дел од инфраструктурата на гасоводот „Турски тек“, шефот на руското МНР го впери прстот кон САД дека сакаат да го онеспособат гасоводот, повторувајќи ги обвинувањата за минирање на „Северен тек“ што минува низ Балтичко Море.

Гасот одново ги разгорува тензиите меѓу Истокот и Западот. Откако дронови се обиделе да нападнат дел од инфраструктурата на гасоводот „Турски тек“, шефот на руското МНР го впери прстот кон САД дека сакаат да го онеспособат гасоводот, повторувајќи ги обвинувањата за минирање на „Северен тек“ што минува низ Балтичко Море.
„САД не толерираат конкуренција во ниту една област, вклучително и во енергетиката. Од небрежност даваат зелено светло за извршување терористички активности со цел да ја уништат основата на енергетската благосостојба на Европската унија. Ги охрабруваат своите украински клиенти, така што сега, по „Северен тек“, „Турски тек“ исто така ќе биде оневозможен“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Во Хелсинки, самит на НАТО сојузниците од Балтикот по обвинувањата за саботажа на подморските кабли и други можни руски активности во регионот. Генералниот секретар на НАТО, Руте претходно од Брисел порача дека иднината на Европа зависи од исходот на војната во Украина, а Европејците треба да трошат повеќе за одбрана.
„Длабоко сум загрижен за безбедносната ситуација во Европа. Ние не сме во војна, но не сме ниту во мир. Мораме да ја зголемиме отпорноста на нашата заедница и да ја засилиме поддршката за Украина за да ја промени траекторијата на војната и да ја одврати натамошната руска агресија во иднина“, рече Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Полска, Франција, Италија, Германија и Велика Британија велат дека предизвикот на новоизбраниот американски претседател Трамп да ги зголемат трошоците во одбраната од два на пет насто нема да биде едноставен. На фронтот во Украина продолжуваат битките, расте притисокот врз двете страни.
„Особено на исток, Русија постигна некои дополнителни придобивки. Се разбира, борбите се многу тешки и во регионот Курск. Но, кога зборуваме за превласт, Русија не постигна ниту една од своите стратешки цели што си ги постави пред речиси три години“, нагласи генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
Светот е во исчекување на најавената средба Трамп – Путин која би требало да се случи многу брзо откако новоизбраниот американски претседател ќе ја преземе функцијата следната недела.
Маријана Димовска
