Загриженост поради содржината на договорот за ослободување израелски заложници
Израелската јавност е загрижена за евентуалното потпишување на договорот со кој се предвидува ослободување на само 33 заложници. Не се знае дали ќе се живи или не и што ќе биде со другите 60 вели нашата соговорничка, универзитетската професорка и активистка за човекови права Рашел Леви Друмер. Па затоа се бара договор за ослободување на сите заложници...

Израелската јавност е загрижена поради содржината на договорот дека во првата фаза ќе бидат ослободени само 33 заложници од вкупно 94, меѓу кои и младата Леви со македонско потекло. Универзитетската професорка и активистка за човекови права во Израел, Рашел Леви Друмер за МТВ вели дека сите Израелци особено семејствата и роднините на заложниците се силно вознемирени за тоа што ќе содржи листата. Што ќе биде со другите 60-тина, дали и кој ќе биде вратен. Затоа јавноста врши силен притисок, вели, за да се обезбеди враќање на сите заложници.
Друмер ни посочува дека сите се веќе уморни од конфликтот и дека сакаат добро да живеат со своите соседи кои според неа се и самите заложници на Хамас и тоа мора да се сопре.
Дека е можно потпишување на договор меѓу Израел и Хамас тврдат и високи израелски функционери но и претседателот на САД Бајден неодамна изјави дека силно се притиска за затворање на овој конфликт што го дестабилизира регионот и кој трае повеќе од 15 месеци.
Фиљана Кока
