НАТО на Балтикот започнува нова мисија за заштита на подморските кабли
Со фрегати и поморски патролни авиони и беспилотни летала ќе се зајакнува надзорот. Во Хелсинки, самит на НАТО сојузниците од Балтикот по обвинувањата за саботажа и други можни руски активности во регионот.

НАТО почнува нова мисија за заштита на подморските кабли во регионот на Балтичко Море. Со фрегати и поморски патролни авиони и беспилотни летала ќе се зајакнува надзорот. Во Хелсинки, самит на НАТО сојузниците од Балтикот по обвинувањата за саботажа и други можни руски активности во регионот.
„НАТО го лансира Балтичкиот центар под овластување на врховниот командант на НАТО, генерал Крис Каволи. Се договоривме да покренеме иницијатива за распоредување на нови технологии за да обезбедиме засилен надзор и одвраќање. Ќе работиме во рамките на нашата критична подморска инфраструктурна мрежа за подобро да ги заштитиме и обезбедиме виталните подморски средства“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Откако дронови се обиделе да нападнат дел од инфраструктурата на гасоводот „Турски тек“, шефот на руското МНР го впери прстот кон САД дека сакаат да го онеспособат гасоводот, повторувајќи ги обвинувањата за минирање на „Северен тек“ што минува низ Балтичко Море.
„САД не толерираат конкуренција во ниту една област, вклучително и во енергетиката. Од небрежност даваат зелено светло за извршување терористички активности со цел да ја уништат основата на енергетската благосостојба на Европската унија. Ги охрабруваат своите украински клиенти, така што сега, по „Северен тек“, „Турски тек“ исто така ќе биде оневозможен“, нагласи Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
На фронтот во Украина продолжуваат битките, расте притисокот врз двете страни.
„Особено на исток, Русија постигна некои дополнителни придобивки. Се разбира, борбите се многу тешки и во регионот Курск. Но, кога зборуваме за превласт, Русија не постигна ниту една од своите стратешки цели што си ги постави пред речиси три години“, изјави генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
Светот е во исчекување на најавената средба Трамп – Путин која би требало да се случи многу брзо откако новоизбраниот американски претседател ќе ја преземе функцијата следната недела.
Маријана Димовска
