„Отворени податоци“ за бесплатен пристап до потадоците од јавен карактер

30.07.2014 11:41

Порталот www.opendata.gov.mk сега мигрира на www.otvorenipodatoci.gov.mk, каде институциите кои претходно ги имаа отворено податоците во отворен формат и беа линкувани до централниот сајт за отворени податоци исто така ќе бидат мигрирани на новата платформа...

Граѓание и бизнис секторот ќе имаат слободен и бесплатен пристап до податоците од јавен карактер, без технички или законски ограничувања. Ова го нуди новиот портал на концептот „Отворени податоци“ кој денес беше промовиран во Министерството за информатичко општество и администрација.

Порталот www.opendata.gov.mk сега мигрира на www.otvorenipodatoci.gov.mk, каде институциите кои претходно ги имаа отворено податоците во отворен формат и беа линкувани до централниот сајт за отворени податоци исто така ќе бидат мигрирани на новата платформа.

„Министерството за информатичко општество и администрација инвестираше во развој на модерна платформа која ќе овозможи транспарентен пристап до отворените податоци на институциите во Република Македонија“, изјави министерот Иво Ивановски.

Ивановски соопшти дека платформата е составена од три компоненти: Модул за испраќање на податоци, кој обезбедува структурирање на оригиналните податоците во соодветната институција во формат прифатлив за приказ на централното решение, Модул за централизирана организација и презентација на податоците, во кој се чуваат доставените податоци во отворен формат и се достапни преку веб сервиси до заинтересираните компании кои би развивале апликации и Модул за дистрибуција на податоци, преку кој се обезбедува механизам за напредна обработка, пребарување и презентација на податоците собрани од различни извори.

Со овој проект се опфатени вкупно 82 податочни сетови од 11 институции: Агенција за катастар на недвижности (со 2 податочни сета), Агенција за електронски комуникации (со 4 податочни сета), Министерство за животна средина и просторно планирање (со 14 податочни сета), Државен инспекторат за труд (со 4 податочни сета), Министерство за финансии (со 7 податочни сета), Државен пазарен инспекторат (со 4 податочни сета), Државен инспекторат за земјоделство (со 6 податочни сета), Државен санитарен и здравствен инспекторат (со 7 податочни сета), Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (со 7 податочни сета), Државен управен инспекторат (со 6 податочни сета) и Министерство за економија (со 21 податочен сет), соопштуваат од МИОА.