Македонија

Снегот ги интензивира повиците кон Итната помош

14.01.2025 14:42

Во последниве три дена, извршени се 254 интервенции на терен, а на околу 500 граѓани им било помогнато со совет преку телефон...

Снегот и лизгавите патишта ги интензивираа повиците кон Итната помош. Во последниве три дена, извршени се 254 интервенции на терен, а на околу 500 граѓани им било помогнато со совет преку телефон.

Доктор Рихад Реџепи од скопската Итна медицинска помош во изјава за Македонската телевизија, вели дека од граѓаните со кои комуницираат телефонски, по дадениот совет, бараат да им се јават повторно за половина час, за да ги информираат каква е нивната здравствена состојба и доколку нема подобрување, се праќа екипа во нивниот дом.

Дел од граѓаните со кои поразговаравме, велат дека се задоволни од тоа како улиците и тротоарите се исчистени од снегот, други пак се жалат дека пешачат со тешкотии.

Лекарите советуваат да не се излегува од дома, освен ако не е неопходно. А ако веќе се излегува, да се носат соодветни обувки, а поранливите категории на граѓани да користат и помагала при пешачењето.

Марија Котовска